Бонтон за ручек: Лебот не се гризе со заби, чашата никогаш не се покрива со рака
Однесувањето на масата, за време на ручек открива многу повеќе од она што сакаме да покажеме. Преку манирите многу лесно ќе забележите кои луѓе се добро воспитани и културни.
За да ги избегнете непријатните ситуации и да бидете категоризирани како пристојни и префинети, неопходно е да ги знаете следните правила.
Поставување на масата
Ножот и лажицата се поставуваат од десната страна на чинијата, а виљушката од левата. Дршките од приборот треба да бидат свртени кон работ на масата.
Малите лажици и виљушки за десерт се наоѓаат над чинијата, а нивната дршка треба да биде свртена кон десната рака.
Ако имате повеќе прибори покрај чинијата, секогаш користете ги оние најоддалечените. Првиот пар е за предјадење и салата, вториот за главното јадење, третиот за десерт.
Чашите се поставуваат од десната страна на чинијата, редоследно според консумирањето на пијалаците, од десно кон лево.
Првата чаша во низата треба да е за бело вино и од неа се пие за време на предјадењето или со риба. Ако со предјадењето оди пиво, тогаш најпрво се поставува чашата за пиво.
Втора се сервира чашата за црвено вино, која оди со сирење, а трета се става чаша за слатко вино кое се служи со колачот. На крај, се поставува чаша за вода.
Бонтон додека седите на маса
Кога ќе седнете, земете ја салветата и ставете ја во скут за да ја заштитите облеката. Салветата може да ја користите за бришење на рацете и устата, а по завршувањето ставете ја од левата страна на чинијата.
Исклучете го мобилниот телефон или барем ставете го на вибрации. Ако баш мора да одговорите, извинете се, станете и разговарајте во друга соба.
Со јадење започнете кога ќе започне домаќинот. Не зборувајте додека имате храна. Ако некоја чинија ви е премногу оддалечена, никако не се тегнете за да земете од неа, туку замолете некој да ви ја подаде.
Храната сечете ја со нож, со лесни движења, парче по парче. Лебот кршете го со раце, никако не го гризете со заби.
Кога јадете супа или чорба, чинијата ставете ја доволно далеку за ако се накапете, капките да завршат на масата, а не на вашата облека. Никогаш не ја ставајте целата лажица во уста и не ја шмркајте супата. Кога ќе завршите, лажицата оставете ја во чинијата.
Послужување на вино
Чашата за вино се држи со десна рака за дршката. Никогаш не точете повеќе од половина чаша.
Кога некој нешто ќе ве праша во моментот кога сакавте да голтнете вино, вратете ја чашата на место додека не му одговорите.
Ако пиете вино за време на јадењето, постојано бришете ја устата.
Ако не сакате да пиете вино, понудата одбијте ја со лесно мафтање на раката или повлечете ја чашата кон себе. Поклопувањето на чашата со рака никогаш не е културно.
Правилно оставање на приборот
Кога ќе завршите со јадењето, приборот наместете го како кога часовникот покажува 5 часот. На тој начин давате јасен знак дека чинијата треба да се тргне.
Важно е приборот да не го оставате од страна, туку тој треба да остане во чинијата со која го користевте.
Уште неколку бонтон правила за тоа како се остава приборот после јадење, погледнете тука.