Направете сами: Креативни табли-потсетници
Наместо да ги купувате вообичаените, пластични или дрвени табли-потсетници, на лесен начин искористете ги старите предмети и направете си ваши уникатни и интересни табли со кои ќе го освежите изгледот на вашата соба, канцеларија или работна маса.
1. Вашите стари искинати фармерки може да ги искористите и за друга интересна намена. Земете дрвена штица која ќе ја обложите со тексас материјал, а потоа ќе ги зашиете џепчињата кои претходно ќе ги извадите од вашите стари фармерки или доколку имате панталони во боја, може да ви биде пошарена таблата. Во нив може да ставате сè што немате каде, а ви е потребно во некои моменти.
2. Стариот хулахоп искористете го како интересен додаток во вашата соба. Играјте си со разнобојни плетила или конци кои ќе ги изврзете низ неговата средина и ќе го претворите во нешто корисно кое ќе ви служи и како потсетник, на кој ќе прикачувате ливчиња-потсетници, слики и сè она што вас ви е интересно.
3. Стари или нови рамки за слики кои не сакате да ги искористите за да ставите некоја фотографија, може да им најдете уште една интересна намена. Наместо слика ставете бел лист или некој лист во боја, зависно од тоа како се вклопува со вашиот ентериер. На стаклото од надворешната рамка, со маркер кој се брише, може секојдневно да си ги запишувате работите коишто треба да ги направите во текот денот. Ќе ви биде забавно да се посетувате, а вашата работна маса ќе биде уникатна.
4. Разубавете ги старите послужавници и искористете ги и надвор од кујната. Особено практични би биле металните кои, ако сакате можете и да ги обоите, а на нив да ставите најразлични магнети со кои ќе ги прикачувате оние работи или фотографии кои ви се значајни како потсетници или убави спомени.
5. Ако имате стара дрвена вратничка на која не знаете што да и правите, еве уште една идеја: може, но и не мора, да ја обоите, потоа заковајте ѝ дрвени штипки со кои ќе ги прикачувате вашите потсетници.