Злобна снаа vs. Совршен зет
Понекогаш содржината е иста, но приказната може да биде сосема поинаква. Ако и вие сте сведок на голем број приказни за злобните снаи и совршените зетови, задолжително продолжете да читате.
Сега за сега, вистинитата приказна се одвива вака:
„Драга, како ти е снаата?
Не прашувај драга. На никој не му посакувам таква! Таков ѓавол не сум видела до сега. Син ми покрај неа не може да дише. Секое утро и носи појадок во кревет, како да е кралица! Ја гледа и ја слуша како да е единствена на светов! Да отиде пак да купи нешто, без неа не ја праша - нема шанси! Го забележав како пред некој ден брише прашина и чисти. Кај мене не знаеше како изгледа машината за перење, а да го видиш сега... Змијата го сврте на своја страна. Но, тоа не е крајот, таа нема ни малку срам! Постојано го задева, бакнува, му седнува во скут и тоа сè додека јас сум тука...
Туку, мила моја, како ти е тебе зетот?
Ма тоа е сосема друга приказна. Кога ги гледам срцето ми пука од милина. Ќерка ми не можеше да најде подобар. Се грижи нешто да не и недостасува, и прави појадок штом се разбуди, ги завршува домашните обврски без никакво жалење, чисти, пегла без срам. Да видиш како се однесува со неа, ја гледа како да е единствена во светот. Кога одат да купат нешто, постојано ја прашува, ништо не превзема сам. Милина ми е да гледам ваков брак!
Видиш драга, сепак барем едно од децата најде среќа...“