Симболиката на нарцисот
Нарцисите се доста популарни цветови кои може да се најдат речиси секаде. Првенствено, заради убавината, но и заради лесното одржување. Нарцисите растат дури до 40 сантиметри висина, во главно со жолти цветови, но неретко се наоѓаат и во чисто бела нијанса.
Цветот го добил името според Нарцис, ликот од грчката митологија. Како што легендата кажува, Нарцис живеел во грчкиот град Теспија во Беотија. Тој бил преубаво момче. Еден ден додека бил на лов го видела и во него се заљубила нимфата Ехо. Откако ја одбивал неколку пати и и го кршел срцето, Ехо побарала од Немезида божицата на праведните казни, и него да го казни барем еднаш со болка патење. Тоа и се случило.
Еден ден, жеден по долгиот лов, Нарцис се наведнал да се напие вода. Стоејќи над водата Нарцис го видел својот одраз и истиот момент се заљубил во самиот себе. Но, колку повеќе се трудел да се прегрне и бакне себеси, толку повеќе се разочарувал и пател затоа што тоа било невозможно.
Долго време жалел за својата судбина. Вечно одвоен од објектот на својата љубов, тој прв пат доживеал тага и загуба. Легендата кажува дека умрел на обалата, од болка и во истиот момент се претворил во цвет. Оние кои го барале неговото тело пронашле само цвет кој го именувале по неговото име – Нарцис.
Уште од минатото, нарцисот и неговото етерично масло се користи во различни парфеми, а денес можете да го купите во едни од најлуксузните - Gucci Rush 2, Lancome Climat, Chloe Narcisse i Chloe Fleur de Narcisse.