Модерни бои за вашиот дом
Уште на самиот почеток на годината создадете малку поразлична атмосфера во вашиот дом, со мала промена на боите и контрастите во него.
Најпрво, размислете кои бои би се вклопувале со мебелот кој го имате. Експериментирајте со малку контрасти. Ова се неколку наши предлози:
Бургунди црвената минатата година беше главната боја на модните писти, но оваа година е одличен избор за да ја затемните вашата спална или дневна соба. Комбинирајте ја со кафените земјени тонови или пак интересни животински принтови. Златните и црните детали изгледаат одлично со оваа нијанса на црвената.
Нежно виолетовата, нијансата на јоргованот е одличен избор за спалната соба. Делува позитивно, смирувачки и го освежува просторот во комбинација со останатите пастелни, весели бои. Комбинирајте ја со тиркизната, белата или црната боја.
Маслинестата зелена е одлична за било која соба во домот. Релаксира и смирува, а на ентериерот му дава мала доза на мистериозен изглед. Комбинирајте ја светли кафени тонови и со многу дрвен мебел.
Розовата делува многу женствено и нежно. Во комбинација со други светли бои дава неверојатен луксузен ефект. Доколку ја комбинирате со црната или белата, имате одлична целина за трпезаријата или пак спалната соба.
Портокаловата манго нијанса е одличен избор за бојадисување на ѕидовите во домот. Се вклопува со речиси сите бои. Дрвениот мебел и сите нијанси на кафената даваат чувство на смирен и удобен дом, додека во комбинација со смели бои, како на пример сината, розовата или виолетовата изгледа свежо и ексцентрично.