Коктел-лимонада со краставица
Знаеме дека како народ сме ем љубопитни да пробаме сѐ што може да се испие, ама некако не веруваме дека многумина од вас направиле коктел со краставици.
Затоа ќе ви предложиме алкохолна лимонада во комбинација со еден од најпопуларните зеленчуци кај нас.
Освежителниот коктел нема сложени состојки, па со едно претрчување до пазарче ќе си ги решите жешките летни попладниња.
Потребно:
3 големи краставици
1 голема лажица сецкан свеж рузмарин
250 ml вода
180 - 200 ml џин
120 ml сок од лимон
3 големи лажици мед или шеќер
Од излупените краставици исецкајте десетина тенки кругови за украсување, а остатокот ставете го во блендер. Додадете рузмарин и иситнете. Добиеното пире прецедете го во друг сад (покрупните парченца силно притиснете ги врз цедалката за да го извадите сиот сок од нив). Се додава вода, џин, лимонов сок, па мед (или шеќер) и се меша додека медот не се раствори во течноста. Се служи во чаши полни со мраз. Украсете со кругчиња краставица и гранчиња рузмарин.
На здравје освежување!