Зошто се нарекува Даунов синдром + како биле третирани лицата со нарушувањето во минатото?
Доктор Џон Даун ги променил условите во болницата и најпрво ја забранил секоја форма на казнување.
Истовремено, го ценел достоинството на пациентите, им овозможувал активности како градинарство и јавање коњи, им обезбедувал здрави и хранливи оброци и се фокусирал на нивната ментална стимулација.
Овде почнал да се интересира за Дауновиот синдром, иако неговите првични забелешки биле и по малку расистички.
Поради специфичниот изглед на лицата со Даунов синдром, Џон сметал дека некои ментални нарушувања можат да се класифицираат според етнички карактеристики.
Па така, на синдромот му го дал првото (расистичко) име – монголизам (тргнувајќи од идејата дека лицата со синдромот имаат слични карактеристики како Монголците).
Иако денес овој термин е навредлив и не се употребува, Џон пробал да го искористи за добро, истакнувајќи дека постоењето на синдромот е доказ дека луѓето се генетски поврзани и дека всушност сите припаѓаме на ист вид.
Џон Даун напишал цела студија за синдромот и до 20-тиот век, Дауновиот синдром станал најпрепознатливото ментално нарушување.
Неговиот назив за нарушувањето се користел и до 1950-тите, кога било откриено дека причината за нарушувањето е во бројот на хромозоми.
Во 1961 година, група научници поднеле барање да се промени името на нарушувањето истакнувајќи дека е навредливо.
Што се однесува до нарушувањето во минатото, во 2020 година беше откриен најстариот доказ за личност со Даунов синдром која живеела околу 3200 година пред нашата ера во Ирска.
Низ историјата лицата со Даунов синдром скоро никогаш не биле третирани како луѓе со достоинство.
Познато е дека во минатото, бебињата со каква било попреченост неретко биле убивани или напуштени.
Во 20-тиот век, многу лица со Даунов синдром биле затворани во ментални институции, а малкумина ја добивале соодветната нега.
Поради ова, голем дел умирале уште во детството.
А, во периодот на Втората светска војна, на мета биле и лицата со Даунов синдром, па во некои земји се правеле кампањи за нивна присилна стерилизација.
Како и други луѓе со попреченост, огромен број лица со Даунов синдром биле убивани и во логорите за време на холокаустот.
Што се однесува до доктор Џон Даун, во подоцнежните години од животот, тој го претворил неговиот дом во приватна установа за лица со попреченост, каде заедно со сопругата се грижел за нив.
Со текот на времето, во неговиот дом биле згрижени дури 160 лица.
Тој починал во 1896-та, на 67-годишна возраст.
Иако било потребно време неговите наоди да допрат до широката јавност и светот да го следи неговиот пример, Џон Даун направил многу не само за лицата со Даунов синдром, туку за сите кои имаат каква било ментална попреченост.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





