Најповлечениот милијардер, второто најбогато семејство на светот: Кои се богаташите што се „кријат“ од јавноста?
Филип Аншуц е нарекуван „најповлечениот милијардер во Америка“, а тој е личноста која стои зад музичкиот фестивал Coachella. Кои се другите милијардери и богати семејства кои се држат настрана од јавноста?
Сите сме слушнале за Илон Маск, Џеф Безос или Бил Гејтс. Всушност, овие милијардери се толку присутни во јавноста и медиумите, што веќе уживаат статус на познати личности.
Но, не сите милијардери сакаат да се експонираат во јавност, па малкумина ги слушнале нивните имиња.
Некои се толку таинствени, што не се спомнуваат на листата на најбогати луѓе на Forbes, па скоро никој не им го знае ни идентитетот.
Сепак, овојпат ќе се фокусираме на милијардерите кои ѝ се познати на јавноста, но се држат настрана.
Милијардери за кои сигурно не сте слушнале:
Филип Аншуц
Неретко нарекуван „најповлечениот милијардер во Америка“, Филип Аншуц има богатство кое изнесува 10,7 милијарди долари.
83-годишниот богаташ е сопственик на компанијата Anschutz Entertainment Group која стои зад познатиот музички фестивал Coachella.
Неговата компанија поседува неколку спортски тимови, над 100 клубови и театри, а е одговорна за над 25 музички фестивали.
Филип не го заработил богатството во забавната индустрија, туку се збогати со помош на нафта.
Тој откри резервоар за нафта на границата помеѓу Вајоминг и Јута во 1979 година и подоцна продал дел за 500 милиони долари.
Во својата долга кариера, Филип има одржано само две прес-конференции.
Фредерик Баркли
Идентичните близнаци сер Дејвид и сер Фредерик Баркли беа познати како „браќата Баркли“.
Дејвид почина во 2021-ва, но Фредерик уште е жив и има 88 години.
Пред смртта на Дејвид, Forbes го проценуваше нивното богатство на 4 милијарди долари.
Малку се знае за потеклото на богатството на Британците кои важат за едни од најтаинствените милијардери во Англија.
Нивната империја е проширена низ неколку индустрии и тие стојат зад весникот The Daily Telegraph и хотелот Ritz во Лондон.
Семејството Каргил-Мекмилан
Во 2022-ра, семејството Каргил-Мекмилан беше осмото најбогато во светот.
Нивната империја се градела преку седум генерации и тие се сопственици на Cargill – една од најголемите приватни американски компании.
Нивната компанија била основана во 1865-та и на почетокот била склад за жито.
Иако и денес агрикултурата е голем дел од бизнисот на семејството, тие имаат удел и во фармацевтски и компании за транспорт.