Методи за спречување на тантруми според возраста: Како да реагирате кога детето има 2, а како кога има 4 години?
Сите гледаат во вас, а вашето дете вреска и се удира од ѕид. Не грижете се и прочитајте како да реагирате кога вашето дете има тантрум... Сепак, имајте на ум дека истата реакција не делува исто кај 2-годишно и кај 4-годишно дете.
Иако не постои единствена дефиниција за тоа што е тантрум, тој може да се сфати како интензивен, емоционален излив што навидум доаѓа од никаде.
Секогаш вклучува комбинација од внатрешни стресови (на пример глад, замор, фрустрација итн.) и надворешни стресови (на пример преминување од забавна активност на помалку забавна), а способноста на детето ефективно да се справи со дадената ситуација е ниска или непостоечка.
Тантрумите најчесто се јауваат на возраст од 2 до 5 години, но тие можат да започнат уште од една година и може да продолжат до предучилишна возраст.
За време на тантрумот децата најчесто удираат со главата во ѕид, задржуваат здив, врескаат, им се тресат рацете и нозете и се тркалаат по подот.
Кога сте дома, а детето има тантрум, седнете со него на подот. Не обидувајте се веднаш да разговарате или да го допирате.
Само гледајте го. Дајте му до знаење дека сте со него. Ако пребрзо го допрете, ризикувате уште посилно да реагира и нема да може да ве слушне поради бурните емоции.
Не се обидувајте рано да го прекинете бесот. Само гледајте и останете смирени. Погрижете се детето да се чувствува безбедно.
Соочувањето со тантрум додека сте во јавност може да биде непријатно, особено кога сите гледаат во вас и вашето дете.
Штом ќе започне тантрумот додека сте надвор, престанете со што и да правите и проценете ја ситуацијата.
Запомнете: на своето дете морате да му бидете пример, затоа немојте да беснеете. Немојте да го игнорирате детето, ниту да му се лутите.
Можете да го однесете на некое скриено место, како што е паркинг или тоалет, каде што ќе можете да седнете. Немојте да му велите на детето дека лошо се однесува или дека ви го уништува денот. Тоа само ќе ја зголеми вознемиреноста.
Наместо тоа, рече му дека одите некаде каде ќе можете да седнете и да се опуштите.
Во продолжение прочитајте како да делувате на тантрумите според возраста на детето:
Тантруми на возраст од 1 до 2 години
На оваа возраст тантрумот обично вклучува плачење и физичка манифестација како што се фрлање на земја, удирање со нозете и рацете на подот или некој предмет.
Најдоброто нешто што треба да направите на оваа возраст за да го смирите детето е да го земете во раце и да го утешите.
Пренасочување на вниманието од она за што детето е вознемирено на нешто друго исто така функционира.
На пример, ако е луто затоа што не му дозволувате да истражува небезбеден предмет или област, пренасочете му го вниманието на алтернативен предмет или област што е безбедна.
Тантруми на возраст од 2 до 3 години
Како што вашето дете полека расте, меморијата и когнитивните способности се развиваат, така што пренасочувањето на вниманието повеќе не е толку ефикасен метод за смирување на бесот.
Меѓутоа, со подобрената меморија доаѓаат поразвиени јазични вештини кои им помагаат на малите деца да ги процесираат и поефикасно да ги изразат своите емоции.
Сочувствувањето со вашето дете, откако ќе ги изрази своите чувства со зборови, го учи дека секогаш кога ќе го стори тоа ќе ги задоволите неговите потреби и подобро ќе го разберете.
Децата на оваа возраст, исто така, може да бараат од вас да ги држите за да ги смирите, бидејќи физичката агресија достигнува врв на оваа возраст.
Тантруми на возраст од 3 до 4 години
На оваа возраст, вашето дете треба да стане повешто во вербалното изразување на своите чувства, но сепак му треба помош за регулирање на чувствата, дури и ако изгледа дека ја одбива вашата помош кога има бес.
Дајте му време и простор да се смири, бидејќи ова е многу корисна техника на оваа возраст.
Во исто време, погрижете се да знае дека сте тука за него така што ќе го прегрнете ако сака утеха.
Тантруми на возраст од 4 до 5 години
Кога вашето дете ќе наполни 4 и 5 години, треба да знае да ги изрази своите чувства со зборови, како и да развие алатки кои ќе му помогнат да се смири.
Децата на оваа возраст може да се научат да користат вежби за дишење, прогресивна релаксација, едноставни јога пози и други стратегии за самоконтрола доколку почнат да се чувствуваат фрустрирани, лути или вознемирени.
Поставувањето „ќоше за смирување“ или посебно место каде што вашето дете може да оди секогаш кога треба да се смири, може да биде корисно на оваа возраст.
С. Ш. | Црнобело / фото: pexels.com