6 совети кои ќе ви помогнат да си ја подобрите финансиската состојба до крајот на годината
Не се задолжувајте за да ги импресионирате другите и одредете реален буџет – што можете да направите за барем малку да си ја подобрите финансиската состојба до крајот на годината?
Ако ви се чини дека платата ви „исчезнува“, а не ни знаете каде, и притоа не можете да заштедите ништо, можеби е време да ги промените навиките на трошење.
Точно е дека најголем удел во целата ситуација има износот на вашата плата, но ако не поставите некои правила, ќе имате финансиски проблеми дури и ако сте со натпросечни примања.
Како да ја подобрите финансиската состојба до крајот на годината?
Направете реален буџет
Веројатно многупати досега сте си рекле дека ќе јадете само дома, дека нема да трошите пари на скапи ресторани и непотребни работи и слично.
Но, дали навистина сте го следеле ова?
За да одредите реален буџет, мора прво да воочите на што трошите најмногу.
Па, почнете да ги запишувате вашите трошоци – дури и оние најмалите, како пакетче мастики.
Со ова ќе имате добар увид на што непотребно трошите, но и колку пари ви се потребни за неопходните месечни трошоци.
Следејќи го ова, направете реален буџет – колку пари ќе трошите за храна, за облека, за излегување…
И, немојте да трошите повеќе пари од предвиденото.
Пробајте да го зголемите приходот
Ова е нешто што нема да се случи преку ноќ, но не значи дека треба да се откажете.
Размислете кои се вашите вештини, што можете да надоградите и да научите. Посетувајте курсеви и обуки кои ќе ви помогнат да најдете подобро платено работно место.
Размислете и дали имате некаков талент или хоби кои би можеле да бидат извор на дополнителен приход.
Адаптирајте ги вашите трошоци
Пробајте да се ослободите од сите трошоци кои не се неопходни. Ако, на пример, можете да отидете некаде пеш или со градски превоз, немојте да го користите автомобилот.
Ако сте претплатени на неколку стриминг сервиси како Нетфликс, размислете дали навистина ви се потребни сите.
Ако плаќате членарина во теретана, но одите едвај двапати месечно, размислете дали вреди.
Генерално, размислете кои се услугите за коишто плаќате, а всушснот не ги користите и ослободете се од нив.
Не пробувајте да ги импресионирате другите со материјалното
За жал, многу луѓе се опседнати со тоа да изгледаат богато во очите на другите, па трошат пари на бесмислени работи мислејќи дека ќе ги импресионираат.
Немојте да се заглавувате во долгови само за да купите скап телефон, дизајнерско парче облека или да одите на луксузен одмор.
Трошете во вашите можности и не си создавајте непотребни финансиски проблеми со надеж дека ќе предизвикате завист кај другите.
Исплатете ги долговите
Направете стратегија како да ги исплатите долговите, без разлика дали станува збор за кредит, нешто купено на рати или што било друго.
Кога ќе добиете плата, покрај режиските трошоци, задолжително одвојте и сума за долговите.
И секако, максимално избегнувајте да влегувате во нови долгови, освен ако не станува збор за нешто неопходно.
Опкружете се со вистински пријатели
Можеби ви изгледа како ова да нема никаква врска со финансии, но луѓето со коишто се дружиме имаат огромно влијание врз секој аспект од животот.
Пробајте да се опкружите со луѓе кои ве мотивираат, инспирираат и поддржуваат. Луѓе кои и самите пробуваат да си го подобрат животот.
Спирова С. | Црнобело