Лековити манастири во Македонија: Неротки забременуваат, инвалиди проодуваат, болести се лечат
Македонија во Библијата е спомената околу 30 пати. Ова може да ни биде показател за благодатта која е дадена врз оваа земја. Како што плодовите созреваат под одредени услови, така и оваа Библиска Македонија има созреано рој светители и манастири кои до ден денес покажуваат чуда. Дали преку иконите, или моштите, имаме бројни сведоштва за излекувани луѓе од тешки физички и психички заболувања. Но, пред да се направи некоја поделба, мора да се спомене непобитната вистина дека секој манастир си е светиња сама по себе. Секој манастирски комплекс, секоја црква и параклис, секоја икона и реликвија, секое осветено тло, е свето.
Низ вековите и годините наназад, сме биле сведоци на тоа како болни се излекувале од молитва пред икона, од моштите на некој светител, од чудесни извори на вода и што уште не.
Кои се едни од најсветите места во нашата земја?
Манастир Свети Гаврил Лесновски, Лесново
Манастирот Свети Гаврил Лесновски, попознат меѓу народот како Лесновски манастир, се наоѓа во село Лесново, Пробиштипско.
Главната црква е посветена на светите Архангели Михаил и Гаврил.
Се верува дека манастирот бил изграден кога светецот Гаврил Лесновски се замонашил или, пак, по неговата смрт, кога се развил култот за подвижничкиот живот, односно во втората половина од 11 век.
Важно е да се спомене дека манастирот е еден од најзначајните и најубавите средновековни и сакрални споменици на културата, и тоа во целиот православен свет.
Заедно со своето значење, иконостасот и фрескосликарството, претставува голема мистерија.
Покрај тоа, манастирот е познат и по својата моќ да лекува болни лица. Селаните, а и честите посетители, веруваат дека светецот Гаврил Лесновски ја штити целата наша земја и сите луѓе.
Покрај многуте сведоштва за исцелителната моќ од манастирот, морам и јас да ја раскажам својата.
Моето искуство е поврзано со моштите на вториот светител кој се наоѓа таму, односно светиот Гаврил Епископ Велички (Светогорец) кој беше канонизиран за светец од страна на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на 28 мај 2017 година.
До 2019 година се борев со многу сериозна сезонска алергија. Навистина не знаев што друго да пробам за да ми помогне. Од кортикостероиди, до инхалатори, до лекарства, скоро сè.
Еден убав мајски ден, заедно со моите пријатели решивме за првпат да го посетиме манастирот. Кога отидовме, како да нè обви некоја топла убавина, како да нè прегрна некоја светлина која дотогаш не ја бевме почувствувале.
Се сеќавам, целиот затнат, раскиван, отечен и вцрвенет, се доближив до моштите на светиот Гаврил Епископ Велички (Светогорец). Се помолив и, по милоста Божја, во тој момент алергијата исчезна.
Од тој момент па досега, интензитетот на алергијата е намален сигурно за 90% и повеќе не ги чувствувам истите тегоби како тогаш.
Понекогаш болестите ни се враќаат за да нè потсетат за минатото или за некое ветување кое сме го направиле, а не сме го одржале. Како она кое го направив јас кога бев во 2019 година - ветив дека ќе се вратам во манастирот на поклонение.
Сè уште го немам исполнето тоа мое ветување.
Манастир Свети Наум Охридски, Охрид
Манастирот Свети Наум се наоѓа во Балканскиот Ерусалим, односно Охрид. Изграден е на висока карпа, над самото Охридско Езеро, односно на неговата најјужна точка, во една месност со ретка природна убавина која плени и ви дава чувство како да не сте на земјата.
Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември 910 година, на возраст од 80 години и бил погребан лично од Свети Климент во манастирската црква.
Набрзо по смртта, Свети Наум бил канонизиран за светец. Тоа било поради огромниот број чуда кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот.
Почитувањето и култот за него започнал да се шири не само во Македонија, туку и во Бугарија, Албанија, Грција и целиот православен свет.
Неговите чудотворни мошти нижат бројни чуда, особено исцеленија од тешки болести како што се психички пореметувања и лудило.
Преку целата година, во манастирот се собира многу народ. Се поклонуваат многу болни, со цел да добијат исцеление преку вера и молитва.
Дедо Трајче е 80-годишен старец кој често оди во манастирот. Тој ни раскажа за многу чуда кои се случиле на гробот, ама никогаш нема да заборави за младата Марина која се излекувала од лудило.
Кажува: „Таа врескаше и пискаше, абе не сакаше да се доближи до манастирот. Одвај ја внесоа внатре.
И, по некое време, девојчето излезе како ништо да не било, нормално и смирено. Јас тоа никогаш го немам видено. Толку е силен нашиот светец“.
Едно од најмистичните чуда за кое најмногу се зборува е срцебиењето на светителот. Имено, секој кој ќе го допре увото до плочата на гробот вели дека може да слушне како срцето на Свети Наум уште чука.
И, не доаѓаат само православни верници да се помолат над неговиот гроб за исцеление - доаѓаат муслимани, католици и припадници на други вери. Тоа само ја покажува големата моќ и љубов на Бог и на светителот.
Манастирот останува како скапоцен камен оставен на брегот на Охридското езеро, чекајќи ги оние кои се во голема тага и болест, да дојдат, да го посетат и да се излечат.