Под дејство на дрога пробал да ја задави сопругата, одгриза глава на лилјак на концерт: Факти за скандалозниот Ози Озборн
Иако за многумина е мошне талентиран музичар и личноста која ја измислила хеви метал музиката, во својата кариера, Ози Озборн привлекуваше многу повеќе внимание со скандалите. А, можеби најпознат е бизарниот концерт на кој одгриза глава на жив лилјак.
Дури и ако никогаш во животот не сте слушале рок или хеви метал музика, сигурно го знаете Ози Озборн – еден од најконтроверзните музичари од 20-тиот век.
Ози Озборн е нарекуван „кум на хеви метал музиката“ бидејќи го поплочи патот до успехот за останатите изведувачи од овој жанр. Всушност, за многумина, тој е личноста која ја измислила хеви метал музиката.
Но, иако можеби оставил огромен белег во музичката историја, за повеќето, Ози е познат по неговите контроверзни изјави, неговото лудо однесување, како и зависноста од дрога и алкохол.
Во продолжение неколку факти за неговиот живот, како и дел од најголемите скандали:
Неговото вистинско име е Џон Мајкл Озборн, а прекарот „Ози“ го добил во основно училиште и го користи оттогаш. Тој се прослави со бендот Black Sabbath, а вели дека посакал да стане музичар кога првпат слушнал песна од Beatles.
Ози првпат се судрил со законот во тинејџерските години, кога полицијата го фатила како краде.
Тoј сакал да украде облека и подоцна да ја продава, а пробал да украде и телевизор. Бидејќи немал пари да ја плати казната, а и татко му одбивал да му помогне, Ози поминал шест недели во затвор.
Една од неговите најпрепознатливи точки од секој концерт е истурањето кофа вода кон публиката. Но, ова не е најлудото нешто што го има правено на сцена.
Во 1982 година, за време на соло концерт, некој од публиката фрли лилјак на сцената на којашто настапуваше Ози. Музичарот без многу двоумење го зеде лилјакот и со забите му ја откина главата.
По ова се соочи со многу критики, по што изјави дека мислел дека станува збор за играчка, а не вистински лилјак.
Уште се дебатира дали лилјакот бил жив или мртов пред Ози да му ја одгриза главата, а според некои гласини, лилјакот сепак бил жив и го гризнал музичарот. Но, ова не е потврдено.
Додека бил на турнеја со неговиот бенд, Ози Озборн пуштил огномети во хотелот во којшто отседнувале и предизвикал штета од 200.000 долари.
Самиот има откриено дека првпат пробал кокаин во 1971-ва, кога имал 23 години и вели дека веднаш се вљубил во дрогата. Очекувано, подоцна оваа „љубов“ му создаде многу проблеми, особено со неговиот бенд
За време на турнеја во 1978-ма, Ози Озборн консумирал толку многу дрога и алкохол, што изгубил свест во хотел во потполно друг град. Членовите на бендот не можеле да го најдат цели 24 часа и почнале да се сомневаат дека е киднапиран.
Кога го лоцирале, биле толку гневни, што сакале да ја продолжат турнејата без него. Но, само Ози ги знаел текстовите на сите песни, па морале да го чекаат да му помине мамурлакот.
Во 1979 година, по повеќе од десет години заедно, членовите на Black Sabbath одлучија да го избркаат од бендот. Една од причините е неговата зависност од дрога и алкохол.
Музичарот толку многу пиел и се дрогирал, што бендот не можел да одржи ниту една проба.
Ози тешко се справил со отказот од бендот, па следните три месеци ги поминал во хотелска соба каде што секој ден консумирал дрога и алкохол.
За овој период, вели дека животот му го спасила сопругата Шерон, која го убедила да почне соло кариера.