Проклетството на Тутанкамон: Зошто сите што ја откриле гробницата стравувале за сопствениот живот?
Само неколку недели по наоѓањето на златниот саркофаг на Тутанкамон, починал главниот покровител на експедицијата, во истиот момент неговата птица била изедена од змија, а починало и неговото куче во Англија - ова ја започнало приказната за „клетвата“ на мумијата која со години се повторувала.
Златниот саркофаг на фараонот Тутанкамон денес можеби е еден од најпознатите предмети од Египет, а малкумина знаат дека откривањето на оваа гробница било поврзано со мистерија.
Во 19-иот век Долината на Кралевите била омилено место за експедиции каде луѓето оделе за да најдат голем број предмети изработени од злато.
Сепак, заради големата популарност овие гробници честопати биле мета на крадци што краделе вредни предмети и ги продавале на црниот пазар.
Истражувачот Хауард Картер бил уверен дека во Египет ќе најде барем уште една неограбена гробница, но речиси никој не му верувал.
Неговата експедиција била финансиски помогната од англискиот аристократ лорд Карнаварон, кој не само што дал пари за проектот, туку и присуствувал во истражувањата.
Нивниот труд се исплатил во 1922-ра година кога конечно ја откриле гробницата на Тутанкамон. Во гробницата имало три саркофази, облека, оружје, накит и голем број други вредни предмети.
Последниот саркофаг бил направен од 110 килограми чисто злато и во него била скриена мумијата на фараонот Тутанкамон кој починал во 1323 г. п.н.е. на возраст од само 18 години.
Според гласините, наводно на саркофагот стоел написот: „Смртта ќе ги најде оние што го попречуваат сонот на фараонот“, но понесени од возбудата од откритието, научниците воопшто и не обрнувале внимание на него, иако во голем број светски списанија се пишувало за големото откритие, но и за наводната „клетва“.
Набрзо потоа, покровителот на проектот Лорд Карнаварон починал на 56 години по неколкудневна треска, што уште повеќе ги подгреало шпекулациите за клетвата.
Според официјалните податоци, тој бил каснат од комарец на образот, а состојбата се влошила откако со бричење го инфицирал местото и добил труење на крвта.
Артур Конан Дијл, авторот на „Шерлок Холмс“, кој верувал во натприродните сили, јавно тврдел дека според него смртта на лордот е заради клетвата на мумијата и дека смртта ќе ги најде сите што го вознемириле фараонот.
Во тоа време, весниците нашле голем број докази за т.н. клетва. Птицата на лордот била изедена од змија, а неговото куче во Англија починало речиси во истиот миг кога починал и тој.
Техничарот што правел рентгенско истражување на мумијата починал под неразјаснети услови, а еден богат Американец починал од пневмонија веднаш по посетата на гробницата.
Според некои податоци, вкупно 22 лица што на некој начин биле поврзани со откривањето на гробницата починале, но тоа не се однесувало и на научникот Хауард Картер кој прв ја открил гробницата.
Картер ги отфрлил гласините за клетвата на мумијата како глупости, а починал осамен и несреќен откако подолго време боледувал од Хоџкинсонова болест.
Б. С. Б. | Црнобело