Колку високо летаат балоните со хелиум - одговори на прашања што сигурно сте ги поставиле барем еднаш
Зошто осите не прават мед иако и тие се хранат со нектар?
И пчелите и осите се хранат со нектар, но само пчелите го користат за правење мед.
Правејќи мед, пчелите всушност си прават залиха на храна за во зима кога нема многу цветови. Односно, во зимските месеци тие го јадат медот што го направиле кога времето било потопло. Исто така, нивните ларви се хранат со овој мед.
Од друга страна, осите не прават залихи за зима – го јадат нектарот и веднаш го претвораат во енергија. Кога станува збор за нивните ларви, тие ги положуваат во пленови, односно други инсекти, па ларвите се хранат од тоа.
Зошто мувите си ги тријат предните нозе?
Одговорот на ова прашање е едноставен – мувите ги тријат предните нозе за да ги исчистат.
Мувите имаат вид рецептори за вкус на нивните нозе кои им помагаат да ја истражуваат околината и мораат да ги одржуваат чисти.
Колку високо можат да летаат балоните со хелиум?
Балоните со хелиум летаат бидејќи овој гас има помала густина од онаа на воздухот. Постојат два фактора кои одредуваат колку високо ќе може да летне еден балон со хелиум – јачината на материјалот од којшто е направен балонот и Архимедовата сила.
Според Архимедовата сила, балонот ќе престане да се искачува кога густината на хелиумот и воздухот ќе биде иста - на поголема височина воздухот е поредок, па постепено се изедначува со хелиумот.
Исто така, на поголема висина балонот може и да пукне – со искачувањето, хелиумот се шири, па балонот ќе пукне од неговиот притисок.
Кога ќе се земат предвид овие фактори, обичните балони би можеле да се искачат на височина од 10-тина километри пред да пукнат или да почнат да губат хелиум, па постепено да паѓаат.
Професионалните метеоролошки балони се од поиздржлив материјал, па можат да се искачат и до 30 километри.
Зошто мачките постојано се чистат?
Ако имате мачка, сигурно сте забележале дека добар дел од времето го минува во чистење.
Мачките имаат рапав јазик кој им помага темелно да си го исчистат крзното. Покрај тоа, со лижењето на крзното тие и се разладуваат.
Неретко мачките се лижат и една со друга, а со ова си покажуваат наклонетост.
Спирова С. | Црнобело