Мажите во брак имаат пониско ниво на тестостерон – луди факти за човечкото тело
Двете наши очи имаат „слепа точка“ која обично не ја забележуваме бидејќи другото око надополнува за тоа, а во продолжение имаме и фото-тест со кој ќе се уверите дека вашето око има слепа точка која е невидлива.
Научниците постојано откриваат нови работи за човечкото тело, а се чини дека секое ново откритие е полудо и поневеројатно од претходните.
Во продолжение неколку факти за нашето тело во кои ќе ви биде тешко да поверувате:
Коријандерот има различен вкус за некои луѓе
За некои луѓе, коријандерот има вкус на зачин, но за некои има непријатен вкус кој потсетува на сапуница.
Причината за ова е генетиката – некои луѓе наследиле рецептори за вкус кои се посилни и можат да ги вкусат состојките во листовите на коријандерот кои даваат суптилен вкус на сапуница.
Мажите имаат помалку тестостерон кога се во брак
Според едно од првите истражувања кое ја анализирало хормоналната промена на мажите откако ќе стапат во брак, мажите во брак имаат пониско ниво на тестостерон од „ергените“.
Истражувањето е направено од страна на антрополози од Универзитетот Харвард и според нив, ова има логика. Имено, со пониско ниво на тестостерон, поверојатно е мажот да биде погрижив за сопругата и децата, отколку да ги напушти.
Со движењето на рацете додека одиме, штедиме енергија
Кога ги движиме рацете додека одиме, телото троши помалку енергија отколку кога би оделе без ова движење.
Ова движење на рацете е пасивно кога одиме со просечна брзина, а дури и кога одиме побрзо и активираме некои мускули во рацете, истражувањата покажале дека сепак штедиме енергија.
Нашите очи имаат „слепа точка“
Двете наши очи имаат „слепа точка“ која обично не ја забележуваме бидејќи другото око надополнува за тоа. Оваа слепа точка се наоѓа на местото каде што оптичкиот нерв се поврзува со мрежницата и бидејќи овде нема фотосензитивни клетки, не можеме да гледаме.
Можете и лесно да ја најдете вашата слепа точка со помош на сликата подолу.
Покријте го левото око со дланката и гледајте во кругот. Внимателно доближуватје се и оддалечувајте се од екранот додека да го најдете местото каде што знакот „+“ исчезнува од вашиот периферен вид.
Луѓето со природна црвена коса се поиздржливи на болка
Истражување објавено во Science Advances покажало дека луѓето со природна црвена коса можат да бидат потолерантни на болка.
Причината за ова се клетките на нивната кожа и нивните рецептори кои се поразлични.
Проѕевањето е заразно, но не и за малите деца
Речиси и да нема личност за која проѕевањето не е „заразно“. Односно повеќето луѓе штом ќе видат како некој се проѕева, и самите чувствуваат потреба од проѕевање.
Сепак, мало истражување покажало дека децата помали од четири години се „имуни“ на проѕевањето.
Се претпоставува дека причината за ова е нивниот мозок кој до таа возраст не е целосно способен за потсвесно имитирање на туѓите изрази, емоции и слично, како проѕевањето.
Таканаречениот „џет-лаг“ создава и проблеми со дигестијата
„Џет-лаг“ е проблем со кој се соочуваат луѓето кои одеднаш ја менуваат временската зона. Симптомите на овој феномен траат додека личноста да се навикне на новата временска зона и еден од најголемите проблеми е несоницата.
Но, оваа појава предизвикува и бројни други симптоми, вклучувајќи анксиозност, констипација, дијареја, дехидратација и дигестивни проблеми.
Некои луѓе можат да го слушнат движењето на нивните очи
Постои нарушување, односно синдром, поради кој некои луѓе можат да го слушнат движењето на нивните очи.
Овој синдром се карактеризира со мала дупка во коската на внатрешното уво, а покрај слушањето на очите, може да предизвика и проблеми со слухот, како и рамнотежата.
Не е познато колкав процент од населението се соочува со овој проблем, а наводно според луѓето кај коишто е забележан, чувството не е најпријатно.
Необичен тест за координација и ориентација
Постои навистина необичен тест со кој се утврдуваат проблеми со системот одговорен за нашата рамнотежа и чувството за ориентација, а кој покажува уште почуден аспект од нашиот организам.
Тестот познат како Caloric Reflex Test е измислен од Роберт Барани кој добил Нобелова награда за него.
За тестот се користи топла вода – со температура повисока од 44 степени – и постудена вода – со температура пониска од 30 степени.
Ако кај пациентот нема проблеми со системот на рамнотежа, кога во неговото уво ќе се стави топла вода, двете очи рефлексно ќе се свртат кон спротивното уво.
Кога во увото ќе се стави постудена вода, двете очи рефлексно се свртуваат кон тоа уво.
Спирова С. | Црнобело