Во тоалетите во Ирска нема ниту еден штекер – 14 изненадувачки факти за животот во земјите ширум светот
Знаевте ли дека 62% од населението во Швајцарија нема свој дом и живее под кирија?
Нашиот начин на живот во голема мера зависи од околностите со кои сме соочени. Достапноста на одредени работи, животниот стандард, па и верувањата и традициите што ни останале од предците имаат влијание врз тоа како ќе изгледа нашиот начин на живот.
Бидејќи секоја земја си се развивала на свој посебен начин, се создавале и различни околности кои довеле до различни начини на живот.
Поради ова, пак, имаме огромна разновидност на навики, култури, обичаи и традиции кои неретко се многу поразлични од нашите.
Неколку изненадувачки факти за животот во земјите ширум светот:
Швајцарија
1. Во Швајцарија обрнуваат огромно внимание на рециклирањето пластика и други вештачки материјали. Кога станува збор за природен отпад, како остатоци од овошје или зеленчук, тие преферираат да ги претворат во ѓубриво за растенија. Низ земјата постојат специјални центри за ова, а многу луѓе и самите си прават вакво ѓубриво кое го користат за нивните растенија.
2. Швајцарците се загрижени и за енергијата што ја трошат и нејзиното влијание врз околината, па секогаш купуваат уреди кои не трошат многу и се сметаат за поеколошки.
3. Поголемиот дел од населението живее под кирија. Наводно, дури 62% од населението живее под кирија и нема свој дом.
Исланд
4. Во зима, жителите на Исланд сакаат да се релаксираат во базен, и тоа на отворено. Тие имаат многу геотермални базени со топла вода и редовно ги посетуваат бидејќи сметаат дека се одлични за кожата и целокупното здравје.
5. Друга (за нив) зимска активност што ја сакаат Исланѓаните е правењето скара, нормално на отворено.
Јапонија
6. Некои Јапонци ставаат малку сол пред влезните врати. Ова е древна јапонска традиција за која Јапонците веруваат дека им носи среќа.
7. Ако одите на гости во јапонски дом, не брзајте да седнете. Неретко во јапонските домови одредени места за седење им припаѓаат на одредени членови од семејството, па најдобро почекајте да ви кажат каде да седнете.
8. Во многу јапонски домови има соба позната како washitsu која е уредена во автентичен јапонски стил. Овие соби немаат некоја специјална намена и Јапонците ги користат за секакви активности.
Ирска
9. Многу домови во Даблин имаат нешто заедничко – дрвени ролетни, но од внатрешната страна на прозорците, со кои можете целосно да ја затемните просторијата.
10. Во тоалетите во Ирска нема ниту еден штекер. Имено, во земјата не смеете да поставите штекер на растојание помало од 3 метри од туш-кабина или када. Сепак, во некои понови домови има штекер со помал напон за машинка за бричење.
Грција
11. Во Грција скоро сите избегнуваат да фрлаат тоалетна хартија во школката. На многу места канализацијата е стара, па не им се ризикува.
12. Грците ја преферираат нивната локална храна. Поради ова, можете да најдете безброј ресторани кои служат грчка храна, но потешко ќе најдете ресторан со некоја друга кујна.
Италија
13. Поради застарената електрична мрежа, во некои региони во Италија е забрането да се користат повеќе електрични уреди истовремено.
14. Поголемиот дел од Италијанците преферираат да користат биде, па се претпоставува дека над 90% од италијанските домови се опремени со овој елемент.
Спирова С. | Црнобело