Поларните мечки се невидливи за инфрацрвена камера – факти за светот околу нас кои ќе ви звучат лажно
Знаевте ли дека постои вид мувла која може да помни?
Нашата планета е толку разновидна, што ни илјадници години не се доволни за да откриеме сè за неа.
И покрај модерната технологија што ни овозможува истражувања како од научно-фантастичен филм, огромен број живи суштества претставуваат мистерија за научниците, а постојат и места на Земјата, како океанското дно, што веројатно нема да ги допреме во блиска иднина.
Всушност, научниците допрва откриваат нови работи и за нас луѓето. Ова значи дека секогаш има простор да научиме некој забавен факт за светот околу нас.
Неколку вакви факти во продолжение:
Крвните садови во очите создаваат сенки, но нашиот мозок ги игнорира
Во нашите очи има крвни садови кои се наоѓаат пред слојот со фоторецептори. Ова значи дека тие блокираат дел од светлината што треба да допре до фоторецепторите и создаваат сенки.
Но, нашиот мозок ги „филтрира“ овие сенки и ние не ги ни забележуваме.
Откриен е вид мувла што може да помни
Научниците имаат откриено вид мувла – Physarum polycephalum – која може да помни, без разлика што нема нервен систем.
Иако се веруваше дека сеќавањето е особина само кај суштествата со нервен систем, оваа мувла е доказ дека има исклучоци.
Мувлата е всушност едноклеточен организам, како амеба, и може да достигне големина и до неколку метри.
Со помош на испитувања, научниците откриле дека оваа мувла може да решава комплексни проблеми, па дури ја нарекле и интелигентна.
Поради нејзиното „однесување“ тие сфатиле дека мувлата собира податоци за нејзиното опкружување, односно има сеќавања за тоа каде била. Ова ѝ помага да го најде најкраткиот пат од храната што ќе ја најде на позната територија.
Гасениците се претвораат во вид течност пред да станат пеперутки
Кога ќе достигнат одредена возраст, гасениците си создаваат заштитна обвивка и внатре почнуваат да се дигестираат самите. Односно, ослободуваат ензими кои ги разградуваат нивните ткива.
Некои органи го „преживуваат“ овој процес, но поголемиот дел од гасеницата се претвора во вид многу густа течност.
По ова почнува забрзано размножување на клетките и се создаваат крилјата, антените, очите и сите делови од телото на пеперутката или молецот.
Војаџер 1 патува низ вселената речиси 45 години
Вселенското летало Војаџер 1 беше лансирано на 5 септември 1977 година како дел од програмата Војаџер чија цел е проучување на Соларниот систем.
Леталото е најдалечниот објект направен од човек и во јануари годинава се наоѓаше на растојание од околу 23 милијарди километри.
Во 2012 година, леталото го напушти Сончевиот систем и е првото летало што го има направено тоа.
На Земјата има подводен континент
Зеландија (Zealandia) е подводен континент во Тихиот Океан и се претпоставува дека потонал пред околу 23 милиони години.
94% од континентот се под вода, а делот што е на површината е всушност Нов Зеланд, како и неколку помали околни територии.
Целата површината на подводниот континент изнесува околу 4,9 милиони километри квадратни.
На Земјата има соларни еклипси поради совршената поставеност на Месечината
Кога има целосна соларна еклипса, Месечината целосно го покрива Сонцето и од наша перспектива изгледа дека е со иста големина колку него.
Овие совршени еклипси се возможни благодарение на оддалеченоста на Месечината од Сонцето и Земјата, како и нејзината големина.
Доколку еден од овие параметри бил поразличен, еклипсите не би биле толку совршени.
Поларните мечки се невидливи пред инфрацрвена камера
Инфрацрвената камера ја детектира топлината што ја зрачи некој предмет или суштество, па затоа овозможува гледање во темница.
Но, поради својот состав, крзното на мечките не емитува топлински зраци и температурата на крзното обично е иста со воздухот околу нив.
На овој начин мечките се позаштитени од студот, но се и невидливи за инфрацрвените камери.
Спирова С. | Црнобело