Се гледале тајно во шатори, добија дозвола да се венчаат во затвор - Факти за цврстата љубов на Џулијан Асанж и Стела Морис
Правеле шатори за да се скријат од камерите во амбасадата, не разговарале за нивната врска, а Стела на ливче хартија му напишала дека е бремена. Што знаеме за Џулијан Асанж и неговата партнерка Стела Морис со која доби дозвола да стапи во брак?
По шестгодишна врска и две заеднички деца, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж (50) доби дозвола да се ожени со својата 12 години помлада партнерка Стела Морис (38) во затворот Белмарш.
Асанж е австралиски државјанин кој помина пет години во Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде доби политички азил додека се бореше против екстрадицијата во Шведска, затоа што стравуваше дека оттаму ќе биде пренесен во САД.
Џулијан и Стела имаат два сина Габриел (4) и Макс (2) за кои таа рече дека се зачнати додека живееле во амбасадата на Еквадор во Лондон и кои се британски државјани.
Засега не се знае точниот датум на нивната свадба.
Во продолжение неколку интересни факти за нивната врска која ги издржа сите предизвици:
Сара и Џулијан се запознале кога тој веќе бил во куќен притвор во Фронтлајн клубот во 2011-та година. Таа го променила името од Сара Гонзалес Девант во Стела Морис за да ги заштити своите блиски.
Стела вели дека многу ѝ било тешко тоа што ја запознала љубовта на нејзиниот живот, а не смеела за тоа да каже никому ниту збор.
Откако ги добила двете деца, не смеела да каже никому кој е татко на нејзините синови за да не го загрози семејството.
Конечно ја открила долгогодишната тајна во јавноста, но само за да спречи Џулијан да биде пренесен во затвор во САД, каде се соочува со затворска казна од 175 години, поради шпионажа.
Таа била ангажирана со првиот тим правници што требало да му помогнат на Асанж да се справи со обвинувањата за силување во 2011-та година.
„Тој има мошне интензивен поглед и не говори за неважни работи. Сакаше да ме запознае. Денот кога го запознав говоревме два часа. Му кажав сè за мојот живот. Џулијан не е како никој друг што сум го запознала“.