Почнала да се накривува уште при изградбата, се верува дека ќе издржи уште 200 години – факти за Кривата кула во Пиза
Иако „паѓа“ веќе 800 години, експертите тврдат дека кривата кула во Пиза дефинитивно ќе издржи уште барем 200 години, што значи имате доволно време да ја видите.
Кривата кула во Пиза е една од најуникатните и најпопуларните атракции во Италија. Изградена е пред 800 години, од страна на неколку архитекти, а нејзината накривеност е резултат на нивните грешки.
Во продолжение неколку забавни факти за оваа интересна градба:
Изградбата траела два века
Изградбата на кулата се одвивала во три фази, во период од околу 199 години. Темелите биле поставени во 1173 година, последниот кат бил завршен во 1319-та, а камбанаријата била додадена во 1372 година со што официјално завршила изградбата на кулата.
Кулата е дел од катедрала
Кулата се наоѓа веднаш зад катедралата Duomo di Pisa, а ѝ е посветена на Дева Марија. Катедралата е изградена повеќе од 100 години пред кулата – во периодот 1063-1092 година.
Кулата „тоне“ и се накривува веќе 800 години
Кулата почнала да се накривува уште во 1178 година, кога биле изградени само три ката. Според експертите, причината е лошата локација – кулата е сместена на земјиште со песок и глина кое не може да издржи градба тешка над 14 тони.
Кога архитектите си ја воочиле грешката, решиле повисоките катови да ги прават пониски од едната страна за да создадат некаква рамнотежа и кулата да си остане на место, но ова не функционирало.
Наводно, 800 години од изградбата кулата не само што се накривувала, туку е пресметано и дека паѓала со брзина од 1-2 милиметри годишно.
Галилео ги тестирал своите теории од кулата
Додека повеќето големи умови од тој период му верувале на Аристотел во тврдењето дека потешките предмети паѓаат побрзо од полесните, Галилео бил убеден дека ова не е вистина.
За да ја докаже својата теорија, тој фрлал топчиња со различна тежина од кулата и воочил дека сепак бил во право – топчињата паѓале со иста брзина, независно од нивната маса.
Кулата има преживеано неколку силни земјотреси
За градба која кога-тогаш ќе се сруши, кривата кула во Пиза се покажала како многу издржлива.
Од 1280 година, во областа околу Пиза се имаат случено најмалку четири силни земјотреси, а со години експертите не сфаќале како кулата не се срушила.
Поради оваа мистерија биле направени неколку истражувања и, наводно, кулата ги издржала земјотресите поради неколку фактори – нејзината висина, во комбинација со меката почва на којашто е изградена, ги намалувале вибрациите од земјотресот и кулата била релативно безбедна.
Камбанаријата има седум ѕвона
По завршувањето на изградбата, во камбанаријата на кулата биле додадени и седум ѕвона – по едно за секој тон од основната музичка скала.
Првото ѕвоно било направено во 1262 година, а во 2004-та едно од нив беше заменето со ново. Секое ѕвоно си има и свое име.
Денес кулата е делумно стабилизирана
Направени се многу обиди да се исправи кулата, од кои скоро сите биле неуспешни. Во 1990 кулата беше затворена за јавност и беа отстранети ѕвоната за да се намали тежината бидејќи властите стравуваа дека ќе се сруши.
Во 1993 година беа додадени тегови од олово тешки 870 тони за да се стабилизира градбата, а ова се покажа како успешен подвиг и делумно ја исправи.
Овој период се правеа и други обиди за стабилизација на кулата, а во 2008 година инженерите што работеа на проектот изјавија дека сега кулата е стабилна и сметаат дека нема да се сруши барем наредните 200 години.
Спирова С. | Црнобело