Јужноафриканската Република има три главни градови – забавни факти за државите што сигурно не ги знаевте
Во Германија постои дрво со сопствена адреса на кое можете да му испратите писмо, а во Јапонија има автомати за ковид тестови, но и автомати кои даваат бесплатни пијачки во случај на земјотрес или каква било непогода.
Некои факти за државите, како главни градови, број на жители, па дури и начин на живот ни се познати на сите. Сепак, во светот постојат толку многу држави, што секогаш има нешто што не сте го слушнале досега.
Во продолжение можете да погледнете неколку забавни факти за државите ширум светот што сигурно не ги знаевте:
Во Грција, семејствата не ги купуваат, туку ги изнајмуваат парцелите на гробиштата
Поради недостаток од простор, на повеќето грчки гробишта семејствата не ги купуваат парцелите, туку ги изнајмуваат. Ова значи дека штом ќе им заврши договорот за изнајмување, кој обично трае три години, телото на починатиот се преместува, и тоа на сметка на семејството.
Некогаш телата на починатите се кремираат, а некогаш се чуваат на посебно место дури семејството да најде решение. Сепак, бидејќи и за втората опција семејството треба да плаќа огромни суми, неретко посмртните останки се преместуваат во задничка гробница. Според BBC, на некои гробишта уште може да се купи парцела, но по многу висока цена.
Наводно, пандемијата само ја влошила оваа ситуација.
Во Германија има дрво со сопствена адреса и луѓето редовно му испраќаат љубовни писма
Во шума во Германија има дрво, познато како Bridegroom's oak, со сопствена адреса, а огромен број луѓе му испраќаат љубовни писма. Традицијата започнала во 1890-та, кога една млада девојка се вљубила во некое момче. Нејзиниот татко не ѝ дозволувал да бидат заедно, па тие се допишувале криејќи ги писмата во дрвото. Една година подоцна, таткото на девојката го дал својот благослов, па таа и нејзиниот сакан се венчале токму под ова дрво.
Љубовната приказна брзо се раширила, па луѓето од Германија кои немале среќа во љубовта почнале да испраќаат љубовни писма адресирани до дрвото, со надеж дека ќе си ја најдат сродната душа. Бидејќи станувало збор за огромен број писма, во 1927-ма германската пошта му дала поштенски код на дрвото, како и поштар одговорен за писмата.
Шведска има повеќе острови од која било држава
Шведска е лидер во светот кога станува збор за број на острови. Оваа држава има околу 260.000 острови, од кои повеќето се ненаселени. Веднаш зад неа се Норвешка со околу 239.000 и Финска со околу 178.000 острови. Главниот град на Шведска, Стокхолм, е всушност архипелаг од 14 острови, поврзани со над 50 мостови.
Некои автомати во Јапонија даваат бесплатни продукти за време на непогоди
Јапонија е држава со можеби најмногу автомати – околу 4,1 милиони. Но, овде нема само автомати за кафе или храна, како што ни се познат нам.
Во Јапонија ќе најдете автомати за пица, зеленчук, друштвени игри, па дури и тестови за ковид. А, бидејќи земјотресите се честа појава во оваа држава, некои автомати се програмирани во вакви ситуации да даваат бесплатни пијалаци. Неретко, на нив се споделуваат и информации за евакуација.
Наставниците во Луксембург земаат највисока плата
Наставниците се доста ценети во Луксембург и тие земаат поголема плата од каде било во светот. Почетната плата на наставник во средно училиште е речиси 80.000 евра годишно, а наставниците со поголемо искуство можат да заработотат и до 100.000 евра годишно.
Слична е платата и на наставниците во основните училишта.
Во 2001-ва, Португалија ја декриминализира дрогата
Поради зголемениот број на зависници, а со тоа и бројот на ХИВ позитивни поради користење нестерилизирани игли, Португалија реши да ја декриминализира дрогата. Ова значи дека наркотичните супстанци уште се нелегални, но ако некој биде фатен како ги консумира, не оди во затвор, туку државата му дава можност за рехабилитација.
Проблемите со зависности не исчезнале, но бидејќи на овој начин е полесно да се побара помош, бројот на луѓе кои своеволно отишле на рехабилитација пораснал за 60% во периодот 1998-2011.
Јужноафриканската Република има три главни градови
Јужноафриканската Република е поделена во девет покраини и има дури три главни градови – Преторија, Блумфонтејн и Кејптаун. Најголемиот град, пак, е Јоханесбург.
Спирова С. | Црнобело