Тенкото црево е долго 7 метри и уште 9 забавни факти за дигестивниот систем
Нашето тело е навистина комплексна „машина“ – секој дел си има своја улога и задача за да нè одржи во живот, а ние не ни забележуваме што се случува.
Едно од најинтересните нешта во нашите тела е дигестивниот систем, кој е одговорен за сложениот процес познат како варење или дигестија.
А, за да се уверите колку е чуден и неверојатен овој систем, прочитајте ги фактите во продолжение:
Желудникот може да се зголеми при прејадување
Нашиот желудник наликува на балон, кој се шири кога се полни со храна. Ако се прејадете, неговата големина може да се зголеми двојно. Но, бидејќи желудникот е флексибилен, потоа си се враќа во првобитната големина.
Плунката е многу важна
Кога зборуваме за дигестија, скоро сите помислуваме на желудникот и цревата. Но, дигестијата почнува уште во моментот кога ја ставаме храната во уста.
Додека ја џвакаме храната, таа се меша со плунката која содржи ензими што помагаат во дигестијата. Овие ензими разградуваат дел од хранливите материи во храната за телото полесно да ги апсорбира.
Истовремено, плунката им е потребна и на рецепторите за вкус, што значи без неа, сигурно не би уживале во храната.
Во текот на денот организмот лачи 1 литар плунка
Знаевте ли дека во текот на денот, просечниот човек лачи од 1 до 1,5 литри плунка? Лачењето варира во зависност од тоа што правиме – додека спиеме се лачи помалку плунка, а додека јадеме се лачи повеќе.
Што се случува во тенкото црево?
Во цревата се одвива најголемиот дел од дигестијата. Во тенкото црево завршува процесот дигестија и овде се апсорбираат најмногу хранливи материи, преку цревните ресички кои се наоѓаат во неговата внатрешност.
Тенкото црево може да достигне должина до 7 метри
Во зависност од големината на човекот, тенкото црево може да има должина од 5 до 7 метри.