Го убил за да стане славен - морничави факти за Марк Дејвид Чапман, убиецот на Џон Ленон
Убиецот на Џон Ленон изјави дека го убил пејачот од себични причини, ѝ се извини на Јоко Оно, а му беше одбиено и 11-тото барање за условно ослободување.
Марк Дејвид Чапман, 65-годишниот убиец на Џон Ленон, годинава имаше сослушување за неговото 11-то барање за условно ослободување. Барањето му беше одбиено но, наводно, убиецот не само што признал дека го убил Ленон од себични причини, туку и ѝ се извинил на Јоко Оно.
„Само сакам да нагласам дека ми е жал за моето злодело. Немам изговор“.
Грозоморниот настан се случи во декември 1980-та, кога Марк го застрела Ленон дури четирипати. Тој период Ленон успешно ја градеше својата соло кариера, 10-тина години после распаѓањето на Битлси.
Овој настан не само што ја шокираше јавноста, туку и им покажа на другите музичари дека опсесијата од фановите може да биде многу опасна.
Вo продолжение неколку факти за овој настан, што веројатно не сте ги знаеле:
Марк планирал да го изврши убиството порано
Вo едно интервју, сопругата на Марк, Глорија, изјави дека тој планирал да го убие Ленон два месеци порано.
„Два месеци порано, Марк отпатува до Њујорк. Си дојде дома исплашен, кажувајќи ми дека сакал да се прослави со тоа што ќе го убие Ленон. Но, ми кажа дека мојата љубов го спасила“.
Наводно, тој целосно се откажал од планот за убиството, но кога сепак го извршил, сопругата била ужасната.
„Мојот живот се промени драстично таа ноќ. Сега бев сопругата на убиец, и тоа не кој било убиец, туку оној чија жртва е сакана од милиони луѓе ширум светот“.
Ленон му дал автограм на Марк неколку часа пред убиството
Марк чекал пред станот на Ленон два дена пред конечно да го сретне и да го убие. Денот кога се случи убиството, околу 5 часот попладне, Ленон излегол од станот, а Марк го чекал со копија од албумот Double Fantasy, која пејачот му ја потпишал. Уште поморничаво е што има и фотографија од тој момент - мажот на десниот крај е Марк.
„Бев возбуден што го гледам. Ме праша дали сакам уште нешто. Неговата сопруга излезе со него и чекаше во лимузината и тоа е нешто за коешто размислувам често – колку беше добар Ленон со еден странец“, има изјавено Марк неколку години подоцна.
Марк останал пред зградата уште неколку часа, а кога Ленон се вратил, околу 22:30 часот, Марк го застрелал во грбот.
Марк изјавил дека сакал да биде славен
Како што кажала сопругата на Марк, и самиот изјавил дека го застрелал Ленон бидејќи сакал да биде славен. Имено, тој немал лошо мислење за пејачот, само сакал да биде познат за нешто.
Подоцна се откри дека Ленон не бил единствената мета на Марк – тој имал цела листа со славни кои планирал да ги убие.
Според сведоците, Јоко си ја удирала главата од подот кога дознала за смртта
Според доктор Стивен Лин кој бил на смена кога го донеле пејачот во болница, Јоко многу тешко се соочила со лошите вести:
„Првото нешто што го кажа беше ’Не е вистина. Лажеш. Не ти верувам.‘ Мислам дека 5 минути го кажуваше тоа. Лежеше на подот, си ја удираше главата од подот. Ги ставив рацете под нејзината глава за да не се повреди“. - изјавил докторот.
Тогаш, Јоко имала само едно барање до лекарите – да не споделуваат вести за смртта сè додека не стигне дома и не му каже на нивниот син.