До 18-ти век луѓето мислеле дека се лековити и уште 6 чудни факти за мумиите
Знаевте ли дека во не толку далечното минато, луѓето верувале дека мумиите се лековити? Тие правеле прашок од делови од мумии кој го користеле за разни заболувања.
Зборот мумија потекнува од арапскиот збор mūmiyā, со кој се означувала смолата користена при балсамирањето на телата и персискиот збор mūm, кој означува восок.
Мумии на луѓе и животни досега се пронаоѓани во сите делови на светот, но најмногу во Египет, меѓу кои голем дел се мачки.
Мумифицирањето е практика при која по смртта, целосно се зачувува телото, со исклучок на внатрешните органи. Старите Египќани се познати по оваа практика која траела 70 дена, поради тоа што верувале во задгробен живот.
Но, мумифицирањето може да се случи и на сосема природен начин под одредени услови - при недостаток од кислород, при замрзнување, под дејствo на киселини или при екстремна суша.
Во продолжение, неколку чудни факти за мумиите:
До 18-тиот век се верувало дека мумиите биле лековити
Делови од мумии биле продавани во форма на прашок за лекување разни болести. Во тоа време овој прашок се користел за спречување крварења или за побрзо поминување на модринки.
Понекогаш, телата биле мумифицирани во мед, со цел тие да служат како лек.
Во Шкотска се пронајдени „Франкенштајн“ мумии
Двете мумии - машка и женска - биле стари околу 3.000 години и составени од 6 различни тела.
Со ДНК анализа се покажало дека деловите на женската мумија потекнуваат од ист период, додека деловите од машката мумија се разликуваат за стотици години.
Тие биле мумифицирани под дејство на тресетно земјиште - со високо ниво на киселост и недостиг од кислород.
Во Јужна Америка мумифицирале тела 2.000 години пред древните Египќани
Народот Чинчоро кој живеел на територијата на денешно Чиле ги мумифицирал телата уште пред 7.000 години.
Тие ги боеле телата со црна боја, ги полнеле со трски, им ставале перики, а очите и устата ги оставале отворени.
Мумијата Хуанита - жртва на боговите на Инките
Позната како Дамата од Ампато, оваа мумија стара околу 550 години е пронајдена во јужниот дел на Перу.
Таа била 12-15 годишно девојче кое било принесено како жртва на боговите на Инките, а нејзиното тело било природно мумифицирано со процес на замрзнување, со тоа што целото тело, заедно со внатрешните органи, е зачувано.
Египќаните го враќале срцето на место
Иако при првите чекори на мумифицирање се отстранувале сите органи на телото, во египетската практика срцето се враќало на своето место бидејќи се сметало за центар на битието и интелигенцијата, додека мозокот не бил сметан за важен.
Најстарите тетоважи се пронајдени на мумија стара 5.000 години
Мумијата Етци, позната уште како Ледениот Човек, е пронајдена на Алпите некаде на границата помеѓу Австрија и Италија од страна на планинари.
Тој на своето тело имал околу 61 тетоважа, кои денес се видливи само со помош на ултравиолетови зраци.
Сокушинбутсу - будистичко самомумифицирање.
Ова е името на религиозната практика на будистичките монаси до 19-тиот век во Јапонија, која денес е забранета.
Монасите го претворале своето тело во мумија со постепено лишување од храна и со постепено пиење отровен чај.
Ова се гледало како духовна практика која води кон просветлување.
А.Т. | Црнобело