Со последниот залак на галебите...
Колку пати сте застанале пред огледало со сомнеж за личноста која постои од другата страна?
Колку пати сте се запрашале дали вашиот изглед, вашиот начин на живот, она што го правите е корисно за светот околу. Дали вашата личност е дефицинија за успех или вие сте синоним за апсолутна катастрофа.
Сте се запрашале честопати, нели?
Додека брановите на разбеснатото езеро удираа по пристаништето, си размислував за сите работи кои можат да се случат без мое сопствено барање. За сите неправди во светот и за сите оние на кои им е потребна помош, а ретко ја добиваат. Задлабочен во своите, за другите ирационални, идеи пешачев по тоа студено јануарско време.
Забележав дека на крајот од пристаништето има многу галеби, што беше навистина чудно, бидејќи не можев да видам дека има некој таму, а обично тие се собираа доколку имаше кој да ги нахрани. Беа зависни од вкусните трошки леб. Како што се приближував забележав дека всушност причината за нивниот собир е жена која носеше полна торба со леб и несебично ги хранеше прекрасните галеби, кои беа симбол на самото езеро.
Се доближав до неа и ја замолив да земам еднп парче за да си ја наполнам душата со едно неописливо чувство кое ме обземаше секогаш кога галебите ненаситно ќе се стрчаа кон трошките на лебот кој леташе кон небото.
“Колку често сте тука за да им бидете друшка на галебите ?” - Ја запрашав.
“Ако почнам да раскажувам, ќе треба да ти одземам многу време, а ти си млад, сигурно немаш време кое би сакал да го изгубиш за да ја слушаш мојата приказна”,ми одговори со мил глас.
“Баш напротив, би ми било задоволство” – одговорив со возбуда, небаре добив главна улога во некој филм.
“Тука сум со нив, бидејќи тие секогаш беа тука со мене. Како што можеш да забележиш имам триесет години, а имам три пати по толку килограми, што е сосема несвојствено за една жена. Така беше отсекогаш. Растев со две сестри кои што беа сѐ во очите на мојот татко, тие беа предодредени да успеат, да бидат најубави, да бидат креација на неговите замисли. Само јас не се вклопував во нивната приказна.
Се сеќавам еден ден дојде во мојата соба и ми се обрати со зборовите: Се срамам од тебе, ти си едно суштество за општ срам, никогаш нема да постигнеш ништо, никогаш нема да најдеш некого, секогаш ќе бидеш сама и несупешна, жалам што ти го велам ова но тоа e вистината, тоа си ти”.
Излегов од мојата соба, со солзи кои можеа да направат уште две вакви езера, не знаев што да правам со себеси, бев скршена и никој не ме разбираше. Купив една кифла, бев скршена, но исто така бев и гладна.
Дојдов тука покрај брегот и како што јадев едно делче ми падна на земјата. Галебите се залетаа кон него, настана општ хаос кој да стигне прв до лепчето, ја видов таа сцена и ме потсети на животот. Сфатив дека не сум сама, тоа е борба, нивната борба за делот од кифлата, мојата борба со реалните луѓе од животот.
Тоа некако ми ја исполни душата, се чувствував како конечно некој да ме разбира.
Од тој ден се посветив на мојот успех, работев макотрпно, со пот, со сите мои килограми за да бидам успешна, за да се изборам за моето парче леб, да му докажам на татко ми дека неговата дебела ќерка иако има вишок килограми, не значи дека е бескорисна и безнадежна. Така завршив факултет и работам во компанија која сама ја основав, тотален успех за разлика од предвидувањата на мојот татко за мојот апсолутен несупех. Уште тогаш требаше да му кажам дека не го бидува за предвидувања.
Ако често доаѓаш ова време, можеш да ме видиш секој ден, освен кога навистина не можам. Облечена во тренерки, со полна торба леб за моите галеби, исто како дента кога ги отворив очите. Кога решив да се прифатам себеси и да се борам за себеси. Колку и да болеа сите тие мани и сите тие лузни, сепак таа борба вредеше.
Не сакам да ме знаат како директорка на успешна компанија, сакам да го почувствувам тој гнев за дебелата жена која ги рани галебите, за да имам мотивација за некој нов огромен подвиг. Тука ќе сум, се додека можам, ќе ги чувам се до последниот залак ,онака како што ме чуваа тие мене, кога немаше никој друг.
Еве ти ја последната кришка дај им ја ти, а јас одам,моите деца ме чекаат. Секое добро!”
Додека ги фрлав трошките во небото се восхитував на скромната тетка која имаше неверојатна конекција со галебите. Си мислев во главата зошто мора да ги добиеме сите тие лузни од општеството, за потоа истото да не воспева. Не можев да најдам одговор, не можеше ни жената.
Но, колку и да звучи чудно, барем така јас се чувствував, многу сакав да бидам потценат и навреден, не за да се одмаздам, туку за да остварам многу и да ги погледнам во очи, полн со самодоверба која сум ја добил справувајќи се со тој процес.
Да се сретнат нашите погледи и да го видам тоа засрамување кое се губи длабоко во земјата, со желба за извинување, но без зборови. Бидејќи никој не е роден со препишан неуспех, сите сме ние едно поле на кое може да расне успех, само прашање е какво семе ние самите ќе одбереме.
Н. Буџак | Црнобело