Тврди дека има 100 деца, бил математички гениј – Кој е Павел Дуров, основачот на Телеграм кој беше уапсен?
Павел Дуров, кој е основач на апликацијата Телеграм, потекнува од Русија, а пред апсењето живееше во Дубаи. Има богатство од околу 15 милијарди долари, а тврди дека со донирање сперма, добил 100 биолошки деца.
Апликацијата Телеграм постои од 2013 година и е позната по приватноста што ја нуди.
Сепак, честопати апликацијата е мета на критики бидејќи им дава платформа за комуникација на криминалците, а притоа ги прикрива нивните траги.
Дури и кај нас имаше скандал со Телеграм – групата позната како „Јавна соба“, во која членовите споделуваа компромитирачки фотографии од девојки, вклучувајќи малолетни, заедно со нивните лични податоци.
Сега, пак, основачот на апликацијата – Павел Дуров – беше уапсен и е под истрага за сајбер криминал бидејќи дозволувал Телеграм да се користи за криминал, вклучувајќи и материјали со злоупотреба на деца.
Дуров, кој вели дека е поборник за слободниот говор, стои на ставот дека нема што да крие и дека не заслужил затворска казна.
Во продолжение, неколку факти за рускиот милијардер:
Павел Дуров е роден во 1984 година во Советскиот Сојуз, а извесен период од детството поминал во Италија.
Со семејството се вратиле во Русија по распадот на Сојузот.
Самиот Дуров има изјавено дека како дете бил „математички гениј“, а со истите зборови го има опишано и брат му.
Имено, брат му дури освојувал златни медали на математички олимпијади, додека Дуров бил најдобриот ученик во неговото училиште.
Дуров има изјавено дека почнал да учи да програмира кога се вратиле во Русија.
Од Италија донеле компјутер и биле едни од ретките семејства во Русија кои имале ваков уред дома во раните 1990-ти.
Во 2006-та, на 21-годишна возраст, Дуров ја лансирал социјалната мрежа Vkontakte, позната и како VK, која брзо станала позната како „рускиот Фејсбук“.
По неколку судири со властите, Дуров се повлекол од функцијата на неговата социјална мрежа и ја напуштил Русија.