Исповед на Кирил Ангелов: 20 работи кои ги научив и сфатив од борбата со ракот и победата на оваа болест
11. Научив како да се подготвам да слушнам лоши и злобни изјави и болни невистини.
Да, токму така. Од исчезнатите пријатели и роднини слушнав многу лоши коментари кои алудираа на нивно задоволство за мојата болест.
Мала држава, многу злоба - секогаш велам дека е така, и за жал мислам дека нема да се промени тој душевен тек и склоп на умствени размисли.
Затоа мора да се научиме да не ги перцепираме сите тие пораки, изјави, и лаги. Вистината е секогаш на наша страна, колку и тие да сакаат да ја оцрнат.
12. Сфатив дека ќе се појават нови луѓе во вашиот живот.
Ја имав таа чест да ја раскажам својата приказна за сексуалното злоставување и борбата со ракот на CRNOBELO.com и на тој начин да подигнам свест за сите тие злокобни нешта (некои предизвикани од човечки фактор, некои не).
И стекнав нови луѓе, нови познанства, нови пријатели. На тој начин се заменија оние кои излегоа, со уште подобри луѓе. Така ќе ве награди Бог и животот. Секогаш.
13. Научив дека треба да се има хумор.
Колку и болеста да звучи страшна и сериозна, не може да се извојува победа само со тага. Во дневната болница на Онкологија беше најголемата и најискрена смеа.
Додека примавме хемотерапии се смеевме, раскажувавме смешни ситуации, се препуштавме на моментите.
Пред тоа, кога закрепнував од операцијата, ме посетија колеги и ми донесоа киндер јајце (поради тестикуларниот канцер нели), и тоа никогаш да го заборавам бидејќи токму тоа и ми требаше тој момент - смеа.
Ако не можеме да се насмееме на сопствената мака, тогаш патот ќе е уште потежок.
14. Сфатив дека грижата за менталното и физичкото здравје станува приоритет.
Мора да признаеме. Сите сме такви. Додека не ни се случи нешто лошо, не се ставаме себеси како приоритет. Даваме 100% дали за работа, врска, пријатели, а себеси никогаш не се ставаме на прво место.
Себичноста за зачувување на сопственото здравје е дозволена (преку отстранување на себеси од токсични и нечовечни ситуации, редовно тренирање, здрава исхрана).
Само на тој начин ќе осигураме дека нема да ни се повтори болеста. Стресот, тагата, нервозата, гневот, и те како влијаат и создаваат погодна средина за растење на ракот.
15. Научив дека најважни се малите работи.
Малкуте пријатели кои останале, вашите родители (во мојот случај мојата мајка), неколкуте роднини, домашните миленици (мојот спасител Аро), како и малиот број искрени колеги.
Дозволете насмевките да ви го окупираат денот, радоста и мирот да ве окупираат внатрешно. Така настапува и излекување. Настапува состојба поубава од онаа првата.
16. Сфатив дека не треба да се заборави на себегрижата.
Правете ги оние работи кои ве исполнуваат. Па и да е некој филм со површна содржина, музика која ве усреќува, или вашата омилена книга. Но најважно од сѐ, е единството со природата.
Едно од нештата кои ме правеа најсреќен беше и сѐ уште е шетањето во предели полни зеленило, посета на манастири, и краеви во оваа земја кои се исполнети со живот и тишина. Тоа е неописливо исцелително.
17. Сфатив дека е важно да се подигнува свест.
Иако не секој може да зборува за својата болест, сепак повеќе од важно е да се трудиме да подигнуваме свест што е можно почесто.
На тој начин се подигнува свеста за рана детекција, а со тоа и спасување на нечиј живот. Истражувајте, читајте, советувајте се со соодветни лица.
Изградете си една своја заедница, која ќе ви биде поддршка. Така е полесно.
18. Сфатив дека треба многу почесто да се прегрнуваат нашите најсакани и најблиски.
Не можете да претпоставите колку една прегратка може да помогне. Колку една прегратка може да реши сѐ.
19. Научив да љубам и простувам уште повеќе.
Не вреди да се троши време на омраза и на непростување. Секој заслужува барем една шанса, а со тоа вие ќе сте посреќни, полесни, и понасмеани.
20. Научив и сфатив дека животот е кревок и краток.
Затоа најдобро што можеме да направиме е да создаваме убави мигови кои ќе останат со нас засекогаш. Додека примав хемотерапија се хранев од позитивните моменти од моето минато.
После победувањето на ракот ми беше многу тешко да се опуштам и бидам среќен. Но сфатив дека морам. Морам да си го украсам животот најубаво што можам; најубаво што знам. Треба и сите ние.
На крај, да не ги заборавиме и оние кои ги имаат изгубено своите животи поради оваа болест. И тие се борци, и тие се бореле најдобро што можеле и знаеле.
Потребно е да ги урнеме сите табуа поврзани со оваа болест, да ја подигнуваме свеста секојдневно, и да бидеме доволно педантни за редовни контроли. На тој начин, обединети, и со многу љубов помеѓу нас, ќе можеме да постигнеме многу.
Кога ги завршивме овие 20 работи кои ги научив и сфатив од борбата со ракот и победата на оваа болест, наскоро ќе следат и 20 работи кои ги научив и сфатив со лекувањето од сексуалното злоставување кое ми се случи како 8 годишно дете.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кирил Ангелов | Црнобело