Ти дрска медицинска сестро - утре ќе бидеш пациент
Дрска и безобразна сестро од скопска болница, која утринава ми го расипа денот, знаеш ли што е единственото што ме теши? Тоа што ти не си правило во медицинската фела, ти си еден тажен исклучок. Претажен... А ти се обратив најљубезно и најмолбено на свет!
Секоја чест за докторите и медицинските лица кои со љубов си ја работат работата, но секоја осуда за дрските, безобразни, намќорести (извинете, но одвратни) лица од оваа професија.
Работат најхумана работа на свет, без доза на хуманост и човечност во нив.
Во една градска болница утринава ме пречека најбезобразната медицинска сестра која немаше ниту грам разбирање ниту за мене, која се појавив да прашам за резултати на пациент со скршеници, кој едновремено има и друг сериозен здравствен проблем, ниту за низата стари и изнемоштени лица кои чекаа пред ординацијата каде таа беше „главна“.
Го построи дури и младиот доктор да не биде љубезен и да не губи време со нас, туку да завршува итно затоа што таа била гладна.
Рече: „Не ми е грижа, јас не планирам да седам гладна, сега ќе им кажам на сите пред врата да си чекаат, не ме интересира“.
Во ред е, разбирам, гладни сте и имате право на пауза. Но, начинот на кажаното, дрскоста, нечовечноста, суровоста ме наежи.
Утре или за 10 години од сега сигурно ти ќе бидеш пациент, за жал секој од нас порано или подоцна чука на докторска врата, и ваков однос и третман би сакала да имаш?
И не само на доктор, тогаш сме најслаби и најкршливи, па затоа за тогаш зборувам. Едноставно секаде, на секоја врата што ќе чукнеш, ваков однос сакаш?
Замисли секоја една личност од услужната дејност да те третира вака како нешто најдолно, да му бидеш товар, да те потценува, да не сака да те услужи, нешто за што е платен.
Замисли да те мрази, буквално од неа почувствував омраза и кон нас и кон секој еден пациент кој чекаше, а има должност да ти помогне и платена е за тоа.
Па, после да следува намќореста продавачка, одиш кај намќорест возач на автобус, па банкар, па осигурителен агент, па што уште не...
И на крај резултатот?
Полна со негативна енергија, разочараност и непочит.
Зошто има потреба од ова?
Живееме во општество каде треба да се почитуваме, треба барем малку да си ја сакаме работата што ја работиме, а дури и да не ја сакаме, да ги почитуваме сите тие со кои доаѓаме во допир во име на работата.
Мене ми расипа еден ден, но ти секојдневно расипуваш ден на десетици луѓе со своето постоење. Дали на крајот од денот дома се враќаш среќна, задоволна и исполнета што успеа во тоа?
Дали живееш од туѓата несреќа?
Дали си толку исфрустрирана толку многу што се храниш ако и другите ги доведеш на тоа ниво?
Те молам преиспитај се! Смени си ја професијата. Има луѓе кои со насмевка и срце би ја работеле твојата работа и барем малку денес ме расположува фактот што познавам многу такви медицински лица и што ти не си правило, ти си еден тажен исклучок.
Претажен...
Прочитајте и Кога ќе најдете човек меѓу луѓето - за македонската докторка со срце планина
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com