Кога ќе најдете човек меѓу луѓето - за македонската докторка со срце планина

За неа не сте само бројка, таа не престанува да биде докторка кога ќе го соблече белиот мантил, таа е вистински пример како треба да изгледа некој што ја работи оваа хумана професија... Познавате ли и вие некој ваков доктор?

koga-kje-najdete-chovek-megju-lugjeto-za-makedonskata-doktorka-so-srce-planina-01.jpg

Деновиве по бизарното и за мене несфатливо сценарио на судбината, верувам и за вас, затоа што во животот најдобрите секогаш најмногу страдаат, но нема да навлегувам во тоа, се најдов во болница, среде тон бели мантили, среде еден хаос, каде само најхрабрите имаат сила да работат.

Да, ќе им дадам орден на секој еден од нив. Затоа што ја избрале таа хумана професија, затоа што секој ден се соочуваат со пациенти скршени од болка, со неизлечиви болести, со трагични судбини. И сето тоа успеваат да го износат на своите плеќи. Се поклонувам пред нив.

Верувајте тие не пијат апче за глава затоа што денес им е бавен интернетот и статијата нема да им биде напишана, осигурителната полиса нема да им биде навреме извадена или пак ќе го вратат човекот на шалтерот затоа што банкарскиот систем им кочи, тие пијат апче за глава затоа што на десетици тажни очи денес треба да им дадат зрак светлина, затоа што треба да знаат што да сторат во истата секунда кога крв ненадејно ќе почне да шприца на сите страни во операционата сала и да се справат кога дале сè од себе за некого, но не успеале да ја добијат војната со сеништето наречено смрт.

И прекрасни се тие луѓе. И колку и да им наоѓаме мани, на крајот порано или подоцна завршуваме во нивните раце и за нас се богови.

И за жал, голем дел од нив на патот да се изборат со секојдневните емоционални трауми стануваат тврди. Потврди од орев. Можеби тоа е нивниот одбранбен механизам за да се заштитат, не знам, но само ќе кажам дека нас како пациенти нè боли што за нив стануваме само една бројка. Боли што стануваме статистика кога на крајот од годината се прави анализа колку успешни операции имале, колку неуспешни случаи итн. Не навлегувам, навистина не сум информирана доволно, не смеам да судам.

Но, срцето ме боли кога гледам студени очи и незаинтересиран поглед, а за моја сакана личност станува збор. Ми доаѓа да вреснам пред нив дека мене не ми е таа само бројка, мене ми е животот. Но, го гризам јазикот и потоа плачам за својата немоќ. И докторите ми изгледаат грубо, сурово, неправедно.

И кога почнав да губам надеж дека меѓу толку доктори нема да сретнеме човек со топло срце и мили очи, ја запознавме неа - докторката што ми ја врати вербата во оваа професија. Темпераментен дух, разиграни очи, пркос кон болестите, став кој вели дека заедно сè ќе победиме, зборови кои даваат утеха и чувство дека некој навистина се грижи за вас. Докторка која на секој пациент му дава дел од своето срце, а тоа е големо и никогаш нема да се преполни, нема да се потроши затоа што љубовта љубов раѓа.

На оваа докторка не ѝ e проблем да одговара на повиците од растревожените пациенти, да ги уверува дека сè ќе биде добро, иако веќе го сторила тоа, да жртвува дел од своето време во името на тоа да им објасни каква ќе биде процедурата што ќе им ја изведува, со какви пречки ќе се соочат на патот при закрепнувањето... Дури и кога ќе го соблече белиот мантил на крајот од работното време, таа не престанува да биде докторка, не одлучува сè да остави зад себе сè до наредната смена.

Не ги гледа пациентите одгоре, од своето „докторско гнездо“, ги гледа како еднакви на неа, како луѓе чиј живот значи нешто. Прави апсолутно сè што е во нејзина моќ за да им помогне. Се троши до последниот атом за да им се даде ним.

Но, на крајот од денот таа не е потрошена, таа е поисполнета од претходно. Затоа што знае дека некому дала сè што може, дека не се штедела за да помогне некому, дека спасила нечиј живот, дека на крајот од денот за некого таа живот значи. И дека некој ќе ја помни по добро до последниот ден од животот и наоколу ќе говори како меѓу луѓето има луѓе и ЛУЃЕ, како и дека меѓу докторите има доктори и ДОКТОРИ.

За најдобрата докторка на светот, која за среќа ни е тука во Македонија...

Верувам и вие познавате барем еден/една таква.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Луѓето ќе ви зборуваат за вашето дете, но не ги слушајте... Јасно и гласно ќе ви кажат дека не треба да го лулате бебето за да заспие, а пот...
Елена Ристеска за CRNOBELO лексикон: „Љубовта на моите родители ми е пример како да се одржува однос... „Како дете двапати без повод бев нападната, меѓутоа толку многу ги тепав што на ...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Жено, твоето премалку за некого е премногу – цени си го животот! Ти не си свесна, но имаш сè. Имаш човек што те љуби. Имаш луѓе кои за тебе би го...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg