Порано имавме почит кон учители и родители - eдиница беше срам, сега е оценка која скоро и не постои
Кога сме смееле да повишиме глас на наставник? Да не станеш и да го поздравиш кога ќе влезе во училница? Некогаш образованието беше сосема поинакво и носталгични сме....
Имаше кодекс на облекување или униформа. Машките не носеа бермуди. Незамисливо беше девојчиња да шетаат со кроп-маички или нападен накит и шминка.
Не се двоевме по групи според тоа кој има поскап телефон, зошто немавме телефони. Не биравме брендови на облека, носевме што ќе ни купеа.
За оценки не се дискутираше. Наставникот беше оној кој се почитуваше и слушаше. Не учиш, те нема на часови. Седи, единица.
Денес единица е само број, а наставникот не смее да помисли да ја стави. Веднаш имаш повик од директор, ненадејна посета од родител.
На час владееше ред и мир. Наставник знаеше да повиши тон и во тој момент настануваше тишина. Кој од покор, кој од срам, кој од непријатност.
Денес сè е излезено од контрола. Родителите висат по ходници со желба да се расправаат. Да го пофалат своето дете и кога не е за фалење и да замижат пред критиките од наставниците.
„Моето дете е исфрустрирано од Вас, вие го омаловажувате, не го цените, не го гледате неговиот труд, мојот син не бега од часови, мојата ќерка знае за повисока оценка......”
Улогата на наставник е обезвреднета во истиот момент кога секој родител си дозволува да застане во одбрана на своето дете.
Нешто е труло во системот кога вредностите се изместени. Кога никој не знае каде му е местото. Кога наставникот кој е темел за детето е третиран како обичен извршител на работа.
Порано имаше соработка родител-дете-наставник. Сега наставниците се во служба на родителите и децата. Нула почит.
Од овие ситуации излегуваат разгалени деца, што и дома не почитуваат родител. Луѓе кои утре нема да имаат емпатија за околината, од кои нема да се очекува да превземат иницијатива и одговорност и кои ќе одгледаат исти такви деца.
Тоа е маѓепсан круг во кој се повеќе се тоне.
Се согласувате ли?
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. У. Т. | Црнобело / фото:pexels.com