„Во Бутел на пазарче видов сцена со две жени која за мене прави животот да добие смисла“
„Во Бутел, на пазарчето, има една бабичка, продава чаеви. Бутелчани добро знаат за кого зборувам. Сѐ што има на пакетчето пред себе не чини повеќе од 100-200 денари... Помина постара госпоѓа, скришно ѝ стави во раката некој денар...“, раскажува Мартин Јовановски од Скопје.
Мартин Јовановски од Скопје на својот Фејсбук профил сподели прекрасна случка на која посведочил на пазарчето во Бутел.
Трогнат од потегот на непознатата жена вели дека морал да сподели со сите.
Ви ја пренесуваме неговата инспиративна приказна oд реалноста:
„Во Бутел, на пазарчето, има една бабичка, продава чаеви. Бутелчани добро знаат за кого зборувам. Сѐ што има на пакетчето пред себе не чини повеќе од 100-200 денари. На истото место е скоро секој ден, продава, чека некој да налета.
Утрово поминував оттаму, се враќав на работа. Ѝ пријде една жена, Албанка, постара госпоѓа. Скришно ѝ стави во раката некој денар, ја убеди да ги земе парите, ѝ се насмевна и си замина набрзина.
Тешко ми е добро да доловам, а сакам, многу сакам. Не е само гестот вреден за споменување, има тука многу повеќе.
Многу, многу повеќе!
Начинот на кој ѝ пријде, колку само внимаваше некој отстрана да не забележи за да не ѝ стане непријатно на бабичката, тој цврст стисок на раката, погледот полн љубов, поддршка и надеж, таа прекрасна насмевка со која на крајот ја даруваше...
И не се работи само за соживот. Многу повеќе беше ова. Стави две мајки една спроти друга, од оние на кои на ликот им се гледа дека поминале низ сѐ и сешто... и наеднаш ниедна разлика не постои, наеднаш ништо друго не е важно. Со поглед се разбраа, со поглед сѐ си кажаа. Насмевката на крајот беше само круната!
Лекциите се надвор, таму на улицата, таму се учи. Таму има сѐ, сѐ што е вистински важно, сѐ што прави животот смисла да добие!“
С. С. | Црнобело