Треба да си воведеме предмет „Родољубие“ за да научиме како се сака татковината
Низ годините многу пати се дискутирало за воведување на изборни предмети во училиштата, па еве еден предлог, но не за изборен туку за задолжителен предмет – Родољубие.
Пред неколку недели видов фотографија со многу свежо овошје, зеленчук и леб на маса, а жената којашто ја имаше објавено кусо напишала под неа (парафразирам): Убава, блага, земјо наша… Ти благодариме што нè храниш, какви „суртуци и копита“ само те газат.
И навистина, ние не сме свесни каква реткост и убавина е нашата татковина Македонија. Земја во која сонцето се злати околу 280 денови во годината. Земја во која случајно ќе ти падне семка и ќе израсне цвет, овошка, зеленчук. Дотолку блага и дарежлива. А навистина ја газат извинете на изразот, но „копита“.
Земја која има и вити планини и сини езера, земја со доволно ветер за да може да се искористи во производство на енергија. Земја-ризница на културно историско наследство. Земја на глаголицата и кирилицата, земја каде што поезијата има призвук на мед кој се истура на кадифе. Бидејќи ниедна друга поезија и ниту едни други песни нема да го допрат срцето како нашите, на изворен македонски јазик.
На предметот Родољубие ќе се всадува љубов кон знамето, кон химната, кон книгите од домашните автори, кон македонската филмска, ликовна, театарска и музичка уметност.
Не, нема да се учиме дека сме подобри или супериорни од другите. Ќе учиме само дека треба да си го цениме своето. И дека тоа што е наше е свето и дека имаме привилегија да си имаме татковина која може да си ја наречеме дом. Дали знаете која реткост е тоа? Да припаѓаш некаде, место коешто може да си го викаш ДОМ?
Јас го разбирам револтот на многумина кон сопствената земја, бидејќи и јас понекогаш го чувствувам истиот. Тој потекнува од расипан систем кој со години растура и ништожи сè пред себе. Но, тие одлуки не ги носи Македонија со своите убавини. Ние си ја грдиме државата, а потоа ја обвинуваме дека е ваква или онаква.
Нашите срца чукаат во седум осмини. Моето барем го прави тоа додека ја гледам Галичката свадба. Додека пливам во Охридското Езеро. Додека ги набљудувам скаменетиот зет и невеста во Куклица. Додека се искачувам кон Кокино.
Моето срце секојпат скришно потплачува на „Бисер балкански“ колку и да ви звучи смешно тоа. Мојата душа си сака ајвар и сака беровско сирење и паланечки компири и тетовски грав и росомански праски и ресенски јаболка. Сака да се насладува со ракија и вино од Повардарието, сакам на зима штипски пастрмајлии и охридско ѓомлезе… Сакам практично сè што доаѓа од Македонија надвор од политиката.
Јас сум вљубена во убавините на сопствената држава и сакам сите да се чувствуваат така. Да си ја сакаме, да ја почитуваме, наместо да ја газиме и да ја силуваме.
Дали има подобро чувство од она кога навиваш за сопствената држава која ги брани црвено-жолтите бои на некој спортски натпревар? Тој адреналин, таа возбуда и чувства се неповторливи. Тоа е нешто што не се купува со пари, или го чувствуваш или не, или ти е дел од ДНК-то што го носиш во себе од прадедовци или ти врие крвта или си вечно затапен и умртвен, мислејќи дека таму некаде или секаде е поубаво оттука.
Мислам дека најголема привилегија е да си зборуваш на мајчин јазик. На еден мелодичен, мек јазик кој е единствен што ја има буквата Ѕ. И да ти Ѕвони таа радост додека си зборуваш, пишуваш и твориш на македонски.
Предметот Родољубие сигурно звучи како луда идеја. Во оваа држава имало и многу поглупави. Но, нам навистина ни е потребно некој и нешто да нè потсети како навистина се сака една татковина. Како најблиското. Како родителот. Како себеси. Ако не и повеќе.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело