За петките, врскаџиите, родителите што учат заедно со децата и професорите што немаат функционален фотокопир – сите сме за жалење
Деновиве е актуелна веста за приемниот испит во скопската гимназија Орце Николов каде што од 292 пријавени ученици, само 11 покажале одличен успех на тестот. Добар дел од учениците покажале недоволен успех, дури 39 ученици, односно 13,36 отсто од тестираните, а доволен успех демонстрирале 70 ученици, односно 23,97 отсто од тестираните.
Да потсетиме, сите 292 пријавени ученици за тестирање, биле „скроз“ одлични, со сите петки во низа.
Одеднаш глумиме застрашени, ужаснати, страшно изненадени.
„Па од каде сега излезе ова, не, не може да е моето дете“.
Секако дека е твоето и моето и тоа туѓо дете, затоа што – СИТЕ се функционално неписмени и осакатени. Освен нели, тие 11 ученици што си ги оправдале петките, или изразено во проценти – цели 3,76%.
Кој е виновен за оваа ситуација во Македонија?
Онлајн наставата
Уфф, ајде да се лажеме себеси, и другите. Онлајн наставата која траеше неполни 2 години е виновна за 9-годишно мизерно образование. Сигурно.
Да не звучам како некоја лоша баба, ама тој што сака да (на)учи ќе најде и време и место. Тој што не сака, вечно ќе си наоѓа изговори, и секогаш ќе биде плачки – никој не ме сака и сите се против мене.
Родителите
Години наназад родителите се убедуваат меѓусебно и другите околу нив, како е сосема нормално да седнеш до своето дете и да го поминеш целиот школски материјал, сè од А до Ш, заедно со него.
Бидејќи нели, многу сме загрижени за иднината на малиот Маркијан, тој не може сам, ние сме тука за сите домашни и проектни задачи.
Маркијан е паразит, родителите евоцираат школски спомени и се натпреваруваат кој ќе направи подобра макета – тие или родителите на Лука. Мили боже.
Ти им викаш дека си бил оставен сам на себе и си учел и си се снаоѓал сам како што знаеш и умееш, и твоите родители немале поим како воопшто ти изгледаат учебниците.
Тие те убедуваат како твоите биле негрижливи и незаинтересирани родители. На сметка на тоа што тие се толку грижливи што ги оставаат децата целосно неписмени и едукативно осакатени.
Демек, многу е нормално да одиш редовно на училиште и да имаш специјален приватен професор и дополнителни часови по: математика, физика, англиски, германски… да седиш до доцна во ноќта и да им ги црташ цртежите по ликовно, да им пишуваш состави по македонски и да учиш за фотосинтеза. 9 одделенија со ред.
Додај ја тука желбата за надмоќ и докажување на родителите – моето дете е најубаво, најспособно, најпаметно. И мора да е со сите петки.
Па додворување на наставниците, со ваучери подарочиња и услуги, па заплашување на сите по ред – „Знаеш ли кој сум јас, еден телефон и ќе леташ од работа, мивко една од Прибилци што си дојдена да го учиш мојот Филип, малиот принц од Кисела Вода“, итн. итн…
Во таа пуста желба да се имаат сите петки, вам ви значат само бројките како чиста статистика, не и знаењето. Вие не сте заинтересирани за суштината, само за фасадата однадвор. А таа е испишана со сите петки, видовме.
Образовната програма
Ах, пуста Кембриџ програмо воведена во држава, запустена и сиромашна, која нема буџет за сапун, влажни марамчиња и тоалетна хартија за учениците, како ни пристоен бесплатен оброк, на пример, ама вклучува електронска табла и лап топ за секое дете.
Кутри мали хрчки, изгубени во преводот.
Наставниот кадар
Има дел добри, би рекла одлични професори, кои имаат љубов и трпение за децата и професијата што ја избрале. И тие се мал зрак надеж во целата оваа приказна, зрнце песок во пустина.
На тие им е преку глава од: форсирање други неспособни професори кои им ја зацрнуваат професијата, преку глава им е од закани, уцени и присилувања за пишување петки, од притисокот дека ќе бидат казнети и ќе ја изгубат работата, од тоа да влечат материјали за потребите на училиштето од дома, од сопствен џеб да плаќаат фотокопирање на тестови затоа што установата нема функционален фотокопир и хартија, од партиски, роднински, и не знам ти какви друг тип на непотизам вработувања… како очекувате да останат нормални и да имаат ентузијазам за работата?
Има дел, би рекла – најголемиот дел професори што се насадени без да имаат најмала идеја и желба како да го помогнат образованиот процес.
Битно е да помине денот во шеги и смешки, хи-хи-хи, -ха-ха-ха, да се истера пауза со кафенце, да се потрачарат и децата и колешките, да се прокоментира последната турска серија…
Ним баш им е гајле за нашите деца. Ете таму, отвори и читај, аман, само прашувате! Ајде диктат!!!
Децата
Е, стигнавме до единствените кои не се виновни во оваа необразовна приказна во Македонија. Децата се колатерална штета, подложна на секакви експерименти, како мали глувчиња кои подлежат на секцирање и всадување на секакви глупости во нивните умови.
Наместо да се воспитуваат, да се поттикнуваат на читање книги, логичко размислување, самостојно работење, повеќе игра, физичка активност, музика и уметност, тие се трупаат со непотребни податоци и образовни програми што не ги разбира ни министерот ни родителите, а не пак тие.
Од мали се учат дека „петките се најважни“, а не знаењето, дека тие пусти петки ќе значат упис во добро средно училиште и факултет.
Почнуваат да се плетат и многу приказни за слабите резултати од приемниот испит во Орце Николов кои со себе носат сериозна политичка и национална заднина, кои допрва треба да се испитуваат и анализираат, за да се докаже нивната вистинитост.
Само што, сите овие наши анализи, разговори и анализи ќе останат само на тоа – обични паламудења, како муабет на селска чешма. Суштински разлики ќе нема. Програмата ќе остане иста каква што си е, можеби ќе стане и малку полоша.
Фотокопирот нема да проработи во училиштето, хартија вечно ќе нема.
Родителите ќе продолжат да си ги форсираат децата, дури и кога нема да ги бидува за синус и косинус, ама ќе редат петки во дневникот.
Добрите наставници ќе си дадат отказ и ќе си заминат надвор од државата или ќе добијат нервен слом. Лошите наставници ќе станат директори.
Децата ќе продолжат да веруваат дека книгите се глупост, да си начитан и образован е однапред загубена битка во општество кое се воодушевува на криминалци и гангстери.
Колку понеписмен народ – толку послаба држава.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело