„Знаеш ли ти кој сум јас?“ – НЕ, не знам, и не ме интересира

Последното интервју на Офелија Димковска за CRNOBELO.com, во кое нашата соговорничка зборува за златните денови на Скопје и го начнува проблемот со денешната празнотија и ништожноста во кои тоне(ме), умешно го секцира со следната изјава: „…ја немаше сегашната препотенција ако така може да се нарече ова однесување и поделби на кои многу влијаеше изумирањето на средната класа и создавањето на новобогаташите кои со себе донесоа новоправила“.

Znaes-li-ti-koj-sum-jas-01.jpg

Офелија е дама, а дама велат – се раѓа, но нужно не мора да е така. Можеш да бидеш сè што ќе намислиш доколку си посветен, чесен, вреден и доблесен.

Доколку работиш на себе и умееш да поднесеш критика. За жал, денес многумина одбираат да бидат нешто сосема трето, за кое сметаат дека ќе им донесе внимание, статус и слава – а тоа се тие новопечени богаташи за кои зборува Офелија, со своите „новоправила“.

За овој сој, образованието е беспредметно, книгите се глупост, факултет не ти треба… а зошто би ти требало сето тоа кога имаш „кеш“. Наследен од мама и тато или брзо заработен прекуноќ, па не знаеш што со парите и себеси.

Да не знаеш да им се наситиш, па да се брлавиш, тероризирајќи ги сите околу себе со твоите пари. Не попусто рекле – дај му на човека власт и пари и ќе му го видиш паметот.

Нема многу што да видиш од памет тука, затоа што памет – нема. Проклет некој нов сој на луѓенца – ограничени, плитки, бездушни, обременети со желби за самопокажување и соголени од емпатија. А простички – Господ да го поживее.

А простаклукот се маскира со пари, со скапи оброци по извикани ресторани, со бесни коли, со саати на рака „колку што коштаат 12 твои плати ма!“ (уште ноктите да ти беа исечени).

Ваквите ниту се родени господа, а ниту пак имаат желба да станат. Тие сакаат „да газат“, да си „грмат“, да понижуваат луѓе, и да те убедуваат дека ти си простак затоа што си се образувал и си работел на себеси. За нив добрината е слабост, чесноста е глупост, совеста е мисловна именка.

Да се граба, да се троши, да се покажува пред сите, тоа его кое расте и никој не смее да му застане на патот. „Знаеш ли ти кој сум јас?!“ – НЕ, и не ме интересира. И тоа ги боли најмногу.

Како ти не му се плашиш… како тебе не ти е гајле кој е тој. Како не си слушнала за него ниту пак имаш желба да ги слушаш неговите неповрзани реченици подолго од 30 секунди.

Како се осудуваш да го одминеш, како не те импресионира неговата облека, автомобилот и некаков си стан од толку и толку квадрати и викендичката не знам ти каде, и пијалаците и бифтеците и неговото одбрано друштвенце.

Не знам од каде дојдовте, ама изникнавте премногу и неподносливи сте. Сеете простаклак, ждригате неписменост, ниту сте интересни ниту „јаки“ како што сте си правите „филмови“ во тоа шупливите лејки.

Вие сте сè што е гнило и лошо во едно модерно општество – мислите дека со пари можете сè, создавате мини клонови кои го имитираат вашето однесување, па тие ги газат и нивните другарчиња што не се толку имотни.

За вас секој образуван човек е „сиротиња“, недостоен, кога вие сте всушност оние што газат по луѓето. Својата неукост невешто ја покривате со ароганција – која е таа и таа, некаква си чистачка или учителка или мајстор… Ќе го купам сосе парталот.

Никого вие не можете да купите, освен таа фалсификувана диплома. И лажните пријатели. Тие се импресионираат од парите и се влечкаат по вас глумејќи восхит и воодушевеност.

Мене пак ме импресионираат тие што немале ништо и направиле нешто од себеси. Што учеле и биле храбри и им пркоселе на сите. Што не се срамеле од своите, од домот и потеклото.

Што не се предале – сиромашни деца, самохрани родители, сираци, оставени, напуштени, тие на кои животот им го свртел грбот, но тие не им го свртеле грбот на надежта. И грабале и читале и учеле и работеле и постигнале нешто достојно за восхит.

Ме импресионираат луѓе што читаат стотици книги и не се зависни од бренд и цената на нештото, вредни луѓе, чесни луѓе, луѓе што почитуваат други луѓе, што помагаат, што го симнале егото, а ја „напумпале“ емпатијата, луѓе весели и забавни, ослободени од притисокот да бидат видени некаде и да седат како восочни статуи од страв дека ќе си го нарушат имиџот во ова големо село наречено Македонија.

Смирете се, „ѕвезди“. Срамота е во држава каде што над 350 илјади луѓе не може да си дозволат повеќе од еден оброк дневно да глумите некаков си џет-сет.

Симнете се од облаците и заживејте во реалноста. Купете некоја книга, барем за толку е јасно дека имате пари. И не мора да служи како декорација што фаќа само прашина – отворете ја, за промена. И прочитајте нешто.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg