„Ама ти не знаеш колку подобро возам пијан“ – Сообраќај ли е, минско поле ли е во Скопје?
Дозволено 50 km/h низ град, се вози 80. Знак за забрането запирање и паркирање – наредени 4 коли една по друга. Едната лента секогаш „резервирана“ за господа кои мислат дека со вклучување на 4 трепкачи може да дремат 4 часа на Партизанска и да испијат 4 кафиња во омилениот локал.
Сите со возачки по „100 години“, ама никој не слушнал за светла преку ден, за трепкач и правилно престројување во соодветната лента.
Секогаш море да се „скокне“ најмалку една (или три). И задолжително да се престрои некој веднаш по семафорот, на раскрсница. На полна лента. Секаде каде што не треба и никогаш онаму каде што е правилно.
Па патнички комбенца кои застануваат на секој втор чекор, и се буткаат како луди помеѓу автомобилите, брзајќи да стигнат на крајната дестинација и да го надоместат времето за сметка на сите запирања.
Деца од по 19 години што возат автомобили поскапи од станови. Лудуваат и се глупираат неводејќи сметка за туѓи животи, освен за својот чалам.
Несигурни возачи кои упорно додаваат гас на педалата. Оние што упорно не си земаат такси откако испиле пијалак (или 10) повеќе со аргументот – „Ама ти не знаеш колку подобро возам пијан“. Ахам, важи, нема грешка.
Дали некаде во светот се вози така лудо како во Скопје и Македонија? Душебрижните – „Даааа, не си прошетала да видиш, во Истанбул, во Каиро, во Њу Делхи…“
Супер, само што јас не живеам таму, не сум во Индија, во Македонија сум каде што луѓе секојдневно гинат на улици од несовесни возачи.
Ама и пешаците да си стават прст на чело. Да се нема трпение додека да се вклучи зелено на семафорот за пешаци.
Упорно да се прекачуваш по жардињери и тревници, за да скратиш цели 20 метри до пешачкиот премин.
Упорно да излегуваш од грмушки и безумно да претрчуваш на прометни улици и булевари.
Никакво трпение, и едните и другите, никаква совест, ни едните ни другите. Нула сообраќајна култура, луѓе без човечност и грам емпатија.
Ќе се изедеме живи едни со други и тоа на улица. Сообраќај ли е, минско поле ли е.
Вие битно брзајте, и возачи и пешаци, како муви без глави. Луѓе нека гинат. Нечии родители и сакани ги оплакуваат жртвите. Вие ќе плачете за автомобилот.
Очигледно нема совест, па и правда во оваа држава.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело / фото: depositphotos.com