Проклет ковид, една прегратка стана недостижна желба и најголем луксуз…
Недостасува спонтаноста, оној безгрижен момент кога некој ти ѕвони и ти вели – ајде за 20 минути таму, а ти не мора да размислуваш за сертификатот, дезинфекција на рацете и носењето маска. Недостасуваат дружбите и блискоста, сè она што нè прави луѓе и нè поврзува. Ние и онака како да бевме отуѓени пред пандемијата, а сега веќе сме како некои дивјаци.
Не, не сакам дружби на отворено и во природа на -5 степени, сакам да ми дојдат луѓе дома.
Да се опуштиме без стравот дека некој некому ќе му ја пренесе последната варијанта на вирусот. Преку глава ми е целиот муабет што се врти околу вакцини, делта и омикрон, суплементи, имунитет.
Сфаќам дека ова е нашето секојдневие во безмалку 2 години, но верувам дека и вам ви е дојдено преку глава.
За овие 2 години изгубивме многу. Почнувам да се плашам дека штетата е ненадоместлива.
Се изолираш од луѓе. Се оддалечуваш од блиските. Почнува да те фаќа параноја, анксиозност, депресија.
И само се прашуваш – аман, уште колку? Уште колку ќе трае? Дали е ова живот?
Почнуваш да си го анализираш животот од претходно. Па и не бил така лош.
Тие скапоцени моменти на спонтаност што сега се луксуз. Мали работи што сме ги земале здраво за готово. Да можеш без страв да одиш каде и да сакаш. Да отпатуваш каде што ќе посакаш. Да се видиш со кого сакаш.
А најмногу, да ги гушнеш луѓето. Од сите работи кои ни се испослучија во пандемијата, верувајте ми, прегратките се она нешто што ми фали најмногу.
Без страв да гушнеш некого. Родителите. Другарите. Браќата и сестрите. Внучињата. Па дури и некого што си го запознал истиот ден.
Каков луксуз е тоа денес, најобична прегратка. Оној момент кога го спушташ заштитниот ѕид околу себе и му даваш до знаење на другиот дека ти е близок, дека го цениш, дека го сакаш…
Тие 10 секунди гушкање во кое се претопуваш и телото ти се полни со љубов. Некому му припаѓаш. Некој те цени. Некому недостигаш. Некој те сака бескрајно многу.
Сфаќаш дека во пандемијата си ги изгубил најпростите работи. А тие да ти биле најбесценети.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело