Се радувавме на скромни пакетчиња, денес децата сонуваат за Плејстејшн 5 и „Тик-Ток“ кариера
На прашањето „Што сакаш да ти донесе Дедо Мраз за Нова година?“, 6-годишната ќерка на пријатели одговорила како од пушка: „Сакам стан!“
Кога татко ѝ, ѝ рекол – па ние имаме стан, зошто ти е?, таа му одговорила дека овој е негов, а таа сака нејзин сопствен.
Што би му подариле вие на девојче кое за Нова година сака стан? Можеби чергиче за пред вратата, навистина не знам.
Знам дека ви се здодевни споредбите од „нашето време“ со ова денешното, „па аман веќе сфатете дека времињата се сменија, децата се поинакви, сè е различно“, и мене ми е тоа сосема јасно.
Видливо е, не живееме конзервирани во тегла, но е истовремено смешно и тажно и жалам што ова е уште една споредба на „тогаш“ и „сега“, ама многу сакам да знам – што точно ги радува денешните деца и ги анимира повеќе од 3 дена?
Бидејќи на неколку однесени пакетчиња, децата беа незаинтересирани и рамнодушни. Дури и родителите беа разочарани – „Ех, колку пакетчиња веќе имаме, не ни се интересни“ (извинете навистина што сме се потрудиле), „плус децава не ги ни јадат, мораме јас и жената да дојадуваме чоколади и после Нова година, па накачуваме по 3-4 кила“.
Во тоа „моето време“, досадното, носталгичното и меланхоличното, а верувам многумина ќе се препознаат во него – да знаете само како од срце сме се радуваме на пакетчиња!
Пакетчиња со евтини чоколади, со по некој балон за да го надуваш, со МНОГУ кеси смоки и грицки (за да пакетчето изгледа визуелно поголемо).
Со по некое лижавче или „чудни слатки“ за денешни стандарди, како локум или таан-алва. Сеедно, пакетчињата ни беа радост. Наредени под елката, неретко не сме ги ни отворале непосредно пред Новата година.
Бевме дисциплинирани и скромни, благодарни за секое мало внимание и пакетче. И во нашите очи се читаше радост, нетрпение, искрена среќа.
За ваквата среќа денес треба „дебело“ да се потрудиш, со бренд облека, со Плејстејшн 5, со скапи Лего коцки, со некакви си „Шимер и Шајн“ куклички, со Анеке торби што чинат над 50 евра…
Правиме сè да купиме нечија детска насмевка, а тоа ни возвраќа прилично кисело или пак работите му здосадуваат за 3 дена.
Не сум исполнета со горчина, само сум бескрајно многу тажна. Немам толку пари да си дозволам така скапи подароци за толку многу дечиња кои очигледно сонуваат само за Тик-Ток кариери, па се прашувам – што точно ги радува денешните деца?
Затоа што пакетче секако не им прави никаква разлика.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело