„Зошто повеќето жени во Македонија по 50-тата изгледаат како баби?“ – па сигурно не од убавини во животот
„Џеј Ло има 52 години, а мајка ми е постара само 4 години … зошто изгледа како баба? И зошто повеќето жени во Македонија после 55-тата година изгледаат старо, збрчкано, запуштено… како баби?“
Па можеби затоа што и се – баби. Џеј Ло заработува од нејзиниот изглед и тело. Нашите мајки не го прават тоа. Џеј Ло има армија помошници, лични готвачи и тренери, пристап до скапи козметички третмани, луксузна гардероба и шминки и ја знае моќта на Фотошоп.
Нашите мајки од друга страна се жени од крв и месо кои, покрај тоа што се сопруги, се и: готвачки, перачки, пеглачки, чистачки… ги работат сите работи на помошниците на Џеј Ло. Се прашувате зошто изгледаат така во шестата деценија од животот? Од многу убавини. Тоа е одговорот. Нималку пријатен, нималку убав.
Од каде да почнеме? Од тоа што 24 часа во денот не ѝ се доволни за да ги заврши сите обврски. Модерното време ја направи и модерна робинка, моќен хибрид на жена која се обидува да заработи подеднакво како и мажот, со архаични примеси што ги влечеме од минатото – да биде и домаќинка. Затоа што – која ми е таа жена што прави пари, а не знае да замеси една пита? Или да направи грав? Пакосна жена, неспособна.
Додајте ги на ова и мајчинските обврски кои во Македонија очигледно не завршуваат никогаш. Во други држави, детето на 18 години излегува од домот и повеќе не очекува речиси никаква помош од родителите.
Кај нас, на 40 години, мажи и жени уште чекаат мама да им прати ручече и малку чорбичка во пластично. Да помогне со сметките. А најмногу со внучињата. Па каква баба си ти, што друго имаш работа во животот? Ајде сега, помогни со внучињата. Ми требаш.
На сите овие обврски, додај ги и останатите животни „убавини“ – сметките, кредитите, стресот и болестите кои се провлекуваат, а мајка ти нема време да оди да се прегледа, па боледува тивко и нечујно, додека е тука да ги услужи сите, од сопругот до децата и нејзините болни, стари родители.
Непишано правило е дека за ваквите мајки никогаш не стигнува, не стигнува за креми, третмани, поубава облека, поскапа фризура, поудобни чевли… не стигнува ни време за одмор, а бога ми ниту за сон.
Лишена е од сè, скратено и е сè, таа најчесто се задоволува со трошки, и пак е некако среќна. За да биде младолика, згодна и убава, треба да ги крене рацете од сите вас и себично да се посвети само на себе. А таа не е скроена да биде таква.
И додека го жртвува здравјето, телото, а уморот и годините ѝ цртаат бразди врз нејзиното убаво лице, вие се прашувате зошто не личела на Џеј Ло и личела на баба? Помислете два пати.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело