Со автомобил до градинка за 5 минути, пешки за 40 минути:„Мамо врне, а зошто врне? Зошто лисјата се жолти?“
Од понеделник до петок - секое утро иста приказна: Стануваме со сопругот, пиеме кафе, попатно ги подготвуваме чантите на децата, ги будиме и нив – ги миеме, ги облекуваме и почнува авантурата до градинка исполнета со квиз на знаења.
Со автомобил ова патување секогаш трае 5 минути, ги оставаме и продолжуваме со обврските. Ако тргнеме пешки, ова патување може да се одложи и на 45 минути.
Нашите мали деца се тука за да не потсетат што значи да бидеш дете, да не знаеш ништо за светот околу себе и да си жеден за знаење.
Како што се менуваат годишните времиња така се менуваат и прашањата.
„Мамо денес е многу топло? Зошто е топло?“
„Мамо види птица... Каква е оваа птица?“
„Мамо види камион, автомобил, џип, мотор...“
„Мамо денес врне? А зошто врне?“
„Мамо, а зошто лисјата се жолти?“
„Што е есен?“
„Мамо види калливи вирчиња?“
„Мамо, јас имам чадор. Зошто да не го пуштам сега чадорот?“
„Мамо види фризури...“
„Мамо види продавница...“
„Мамо, играчки – сакам играчки“.
Така секое утро одењето пеш до градинка може да се претвори во вистинско патешествие. Моите деца имаат милион прашања за секоја ситница што ја забележуваат на улица, а јас и сопругот сме тие што треба да имаат трпение и да им дадат одговор.
Понекогаш одолговлекувањата почнуваат уште пред да излеземе од дома. Синот утрово, на пример, успеа да се шмугне низ надворешната врата и радосен да си скока во вирчето што се собрало во дворот.
„Мама врне... Мама дожд... Мама...“
Утрово не бевме подготвени за авантура, решивме дека ќе го избереме пократкиот пат и ќе одиме со автомобил, но сепак загубивме 10 минути на пресоблекување.
Но, тоа се слатки маки! Не можете да им замерите на децата затоа што се деца. Не можете да се лутите затоа што тие сè уште знаат да се радуваат на ситните нешта во животот. Сетете се само на миг колку беше забавно кога бевте деца...
Сетете се на чувството колку ви беше забавно крцкањето на лисјата под чизмите, скокањето во калливите вирчиња, радоста кога сами го отворате и го затварате чадорот, радоста кога мама или тато ви објаснуваат за секоја ситница околу вас и ви обрнуваат внимание. Колку ви се чинеше дека се мудри и дека знаат сè.
Понекогаш е напорно, особено кога брзаме и кога немаме време, но кога сме во можност секогаш би го избрале долгото патешествие од 40 минути наместо брзото 5-минутно возење со автомобил.
Зошто!?
Затоа што пред да почнат сите обврски во текот на денот и сите „возрасни“ должности, во тие 40 минути и јас имам можност повторно да бидам дете. Да го погледнам светот со очите на 4-годишно дете.
Моите деца секогаш се тука за да ме потсетат дека колку и да е тежок денот, колку удари и да ми нанесе животот, сепак за некого сум сè на светот и дека ме сакаат безусловно, таква каква што сум.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos