За Љубаништа, кампувањето и македонската безобразност на плажа
Оваа година, согласно ситуацијата, решивме да не излегуваме од границите на Македонија за одмор. Дома си е дома, па така изборот падна на Љубаништа, затоа што ја има една од најубавите плажи на Охридското Езеро.
Е, ја има плажата, ама не и културата на посетителите. Кутро Љубаништа, од Бога подарено. Таква скапоцена природа на едно место, убавина каква што ретко гледа окото. Бисерна вода, песочна плажа прошарана со камчиња, доволно простор, а над него се издигнува планина обвиена во зеленило. Климата е прекрасна, зајдисонцата магични.
Љубаништа е најубаво, народот не чини. Ако знаеш дека плажата не ја чисти никој, зошто упорно ги оставаш пикавците од цигари во песокот? Зошто не си го собираш ѓубрето зад себе? Зошто мора да оставаш лименки и капачиња, зошто ќесичката од смоки и чипс да биде закопана до половина во песокот наместо во кантата за ѓубре?
Дали поголемиот дел од денешните родители се опојни супстанции? Сериозно прашувам. Не е возможно твоето дете да се дере до тој степен што ја крева половина од плажата на нозе, а тебе како мајка „мува да не те полази“ затоа што си задлабочена во телефонот или разговорот со пријателката. На крајот, сè се сведува на „те слушнавме Габриел, не викај“ или „дете е“ или „и мене ми е одмор“.
Извини госпоѓа, и мене ми е одмор. И на сите околу нас. Зошто сме должни да го трпиме твоето дете, што патем нема основна култура за туѓ личен простор и има големи шанси утре да порасне во најголемиот саможивник кому му се битни само своите желби и каприци, без никаков усул за останатите.
Кој ве научи дека е супер идеја да си го понесете најголемиот звучник на одмор и да ја рокнете вашата омилена музика? Патем, поразителен е фактот колку млади луѓе слушаат таква шунд-музика, што Цеца за овие хитчиња е практично Моцарт.
И јас понесов звучник на одмор. Со тоа што си пуштам музика во пристојно време, со нормално ниво на звук. Затоа што не е нормално да тероризираш 500 луѓе во кампот со твојот хит „Алтана“. Ама никој не ве подучил на ова.
Кампувањето е супер. Љубаништа е скапоцено. Ние не сме свесни каков бисер имаме, а со години го оставивме запуштен. И не правиме речиси ништо во врска со тоа. Напротив, уште толку го гнасиме.
Сега е моментот кога некој ќе каже – па ти дали си прошетала, дали си видела колку се безобразни и гласни Русите, Полјаците, Англичаните? Да, сум ги видела. И не, не ми е гајле.
Не се тие мојот народ и нема што да се грижам за нивниот менталитет. Ама овој нашиот нè убива. Кога некој пристојно ве замолува да ја намалите музиката, да не се дерете, да не фрлате песок во насоката на другите луѓе околу вас и да си го собирате ѓубрето, вас треба да ве фати срам. А не да добиете некаква невидлива сила и да почнете со навреди и закани. Кои сте, од каде сте и кој ви е братучед.
Многу ми е гајле кои сте, од каде сте и за братучедот кој веројатно е подеднакво невоспитан како вас. Дај оправете се додека не е доцна. Покажете дека сте достојни и вредни за една убавина како Љубаништа.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Текст и фото: (О)Милена | Црнобело