Колумна: Бев жртва на семејно насилство додека растев во еден македонски град – не, нема да се поправи, ќе те удри пак
Класична приказна: „Ме удри – му простив. Не, не сум ниту јас цвеќе за мирисање и јас сум си виновна. Заслужив да ме удри... Не, овојпат дефинитивно ќе се поправи, никогаш повеќе нема да ме удри“.
Додека растев (во град во Западна Македонија) јас самата бев жртва на семејно насилство. За среќа, мајка ми по 15 години трпење, со сите сили успеа да си ги собере парталите, да нè извади од ситуацијата и да ни пружи нормален живот. Не ѝ беше лесно сама, но успеа, се избори...
Сепак, траумите од тој период во животот си останале. Не е лесно да си дете, да си немоќен нешто да направиш и да помогнеш. Мислев дека сум се изборила и сум „го закопала“ минатото сè додека еден немил настан од пред неколку месеци не ме потсети и не ме врати директно во минатото.
Другарка ми, што ја сакам како родена сестра сега беше жртва. Таа живее во странство, во земја каде има „нула“ толеранција за семејното насилство и веднаш го пријави.
Ми се јави и ми се довери што ѝ се случило, а јас, бев немоќна да ѝ помогнам. Далеку сме, не можам да полетам за да бидам до неа. Единствено што можев да направам е да ја посоветувам да си ги собере личните работи и да си оди.
„Ако еднаш те удрил, ќе те удри и повторно – само следниот пат тешко ќе стигнеш до телефонот да викнеш полиција“ – си мислев.
Знаете, сите знаеме дека на жртвите не им е лесно и дека страдаат, но некогаш е многу тешко да гледате и да бидете сведок на вакви случувања и да ги следите „од надвор“.
Тешко е само да ги гледате нештата, свесни сте дека единствено што можете да направите е да викнете полиција, а знаете дека крајната одлука сепак е во рацете на личноста што ја сакате и што ви е блиска и која е за жал жртва.
По неколку дена немири, неизвесност и непроспиени ноќи, другарката ми се јави и ме шокираше со одлуката.
„Ќе му простам, го сакам! Не сум ниту јас цвеќе за мирисање. Знам дека има шанси да се поправи и ќе се поправи“ – ми рече.
Останав во шок. Мислам дека повторно ги преживував првите 15-тина години од мојот живот.
Мислам дека ги слушав оправдувањата на мајка ми и залажувањата дека има надеж, еден ден тој ќе се разбуди и ќе биде поинаков човек.
Се чувствував повредено и изневерно затоа што личноста што ја сакам според мене донесе погрешна одлука, но не можев ништо да направам.
Не можам јас да се разведам од него или да го напуштам насилникот. Не можев ниту да ѝ наредам да го остави.
Искрено, болеше мигот кога таа рече дека одлучила да му прости. Сте поминале часови во страв заедно со неа, се плашите за нејзината безбедност, се плашите дали следниот пат ќе се случи нешто полошо...
Знаете, се прашувам зошто жртвите ја веднат главата и одново прифаќаат да бидат со насилниците... Зошто не си заминат? Од страв? Од срам? Од несигурност?
Ние како луѓе пред сè сме суштества што се врзани за сопствените навики и рутини.
Логично е сите да имаме страв и да се плашиме од она што е ново и невообичаено. Логично е да се плашиме од големите животни промени. Логично е да стравуваме како ќе се справиме понатаму во животот.
Срам... Не знам зошто, ама ми се чини дека ова е најголемиот проблем. И стравот и несигурноста како да се поттикнати од едно клучно прашање: Срамот од тоа дека заедницата и општеството ќе нè осудуваат.
„Не, не сакам да бидам разведена... Знам дека јас не сум, ама во очите на сите, јас ќе бидам виновна? Никој нема ниту да помисли на пеколот што сум го поминувала, ама тука се за да ме обвинат. Не сакам да сум сама.“
И така, ги гледаме луѓето што ги сакаме како самите се повредуваат и одлучуваат да бидат со оние што не ги ценат, ги прифаќаме нивните одлуки дека насилникот следниот пат сигурно ќе се промени и потајно во себеси се молиме: „Дај боже ова навистина да биде последен пат...“
Не, тука не говорам за кавги и за расправии... Не говорам за вербални пресметки. Не говорам за задевање. Говорам за старото и веќе добро познато „семејно насилство“: тепање, кубење за коса, малтертирање, потценување, понижување, навредување...
Говорам за мигот кога саканата личност повторно ќе ви се јави и ќе ви каже:
„Беше лошо, ама се случува, нормално е – му простив“...
Вие слушате, а немате срце да ѝ кажете:
„Не, ова што ти се случува не е нормално! Не, тоа што го живееш не е здраво! Не, немој да му простуваш – ако еднаш те удрил и си му простила, ќе те удри пак“.
Голтате кнедла во грлото и велите:
„Во ред, тоа е твоја одлука, ти најдобро знаеш како ти е...“
Што може да се направи ако таа не сака да му се спротивстави?
Можете да не направите ништо - да ја наведнете главата и да молчите и да се надевате дека овојпат навистина ќе биде последен... Дека нема да дојде денот кога ќе слушнете лоши вести и да се надевате дека личноста што ја сакате еден ден навистина ќе биде среќна.
Но, подобро е да бидете упорни - да продолжите да ја убедувате личноста дека треба да се спротивстави, да ѝ дадете храброст и поддршка да пријави или да замине и да каже стоп на семејното насилство - да бидете тука за неа во секој миг и да помогнете во рамки на сопствените можности. Да покажете дека нема да биде сама по тешката одлука...
Секако, доколку сака да ве слуша и ако не ве отфрли, за на крајот повторно да ја наведнете главата и да замолчите...
Да, навистина е тешко да се биде нем набљудувач на семејното насилство.
Жртвата како да заборава дека таа е онаа што ја има целата моќ за да го прекине таквиот маѓепсан круг, а вам рацете ви се врзани и ви останува да бидете само добар пријател, да давате поддршка, да слушате и да се молите дека ќе ја направи вистинската одлука. Дека ќе биде подобро...
Можеби еден ден нештата навистина ќе се поправат!
Стоп за семејно насилство! Стоп за насилство над жени и девојчиња!
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com