„7 години се борев со неплодност, сега им се радувам на моите 2 деца кога си играат во нашиот двор во Скопје - низ што поминав?“

Сега имам две деца. Тие се мојот свет, мојата најголема инспирација и она што ми дава сила да се борам и да не се откажувам од животот. Тие се главната мотивација и инспирација да бидам подобра, похрабра, поуспешна. Но, не беше секогаш така.

7-godini-se-borev-so-neplodnost-sega-im-se-raduvam-na-moite-2-deca-koga-si-igraat-vo-nashiot-dvor-vo-skopje-niz-shto-pominav-01.jpg

Ги читам и ги слушам приказните на жените и на двојките што се борат со неплодност и сочувствувам со нив. Знам како изгледа таа борба.

Знам како е да се бориш со неплодноста, знам како е луѓето да те гледаат со сожалување, да те обвинуваат или да те советуваат. Знам што значи да се опседнуваш и да читаш бројни статии, да бараш информации, лекарски совети и мислења…

Знам што значи да станеш експерт за плодни и неплодни денови, базална температура, да „закажуваш секс“ врз основа на календарот... Еднаш и јас бев таа жена.

Iskrena-ispoved-sega-imam-dve-deca-a-sedum-godini-se-borev-so-neplodnost-kako-stresot-ne-mi-dozvoluvashe-da-stanam-majka-01.jpg

Седум години живеев во исчекување и во надеж дека и јас ќе станам мајка. Кај некои двојки има одредени здравствени или физички проблеми поради кои не можат да станат родители.

Ние ги направивме сите тестови и лекарите ни рекоа: „Сè е во ред, нема никаков проблем! Само отпуштете се!“

Со оглед на тоа што немаше одредени, видливи физички проблеми, не ни беа понудени ниту некакви медицински решенија. Само опуштено! И сè така цели седум години…

Целиот тој период имав насмевка на лицето. Се тешев со помислата дека јас имам еден проблем: ’немам деца‘, а тие што имаат деца имаат милион други проблеми … Мислев дека ако бидам упорна да изградам кариера, ќе заборавам на другиот проблем и на тоа што потајно ме разоруваше.

Работев на работно место што воопшто не ме исполнуваше, бев постојано под стрес, а за работните часови да не говориме – од утро до утро. Колку ли само пати сум заборавила да јадам.

Никој не знаеше со што се соочувам. Пред сите говорев колку сум среќна затоа што градам кариера, имам сопруг што ме сака, сè на сè, животот е убав, но одвнатре се јадев и бев несреќна.

Моите пријателки и познанички веќе стануваа мајки по вторпат. Искрено, се радував за нив, ама секогаш во душава чувствував тежина и нетрпеливост. Не, не бев љубоморна, ама чувствував како животот да ми нанел невидена неправда. Како да сум нецелосна како личност. Тоа што сум мошне повлечена личност и не говорев јавно за проблемите со коишто се соочував од друга страна пак резултираше и со други моменти што воопшто не беа пријатни.

Многупати сум слушнала како зад грб ме обвинуваат дека не сакам деца, дека сум кариерно ориентирана, дека немам намера да станам мајка. Некои дури и отворено ме прашуваа: „Што чекаш, гледаш овие веќе трето дете имаат, а ти …“

Домашните веќе стануваа нетрпеливи, а оние што ни се поблиски и што не знаеја дека се соочуваме со проблем отворено не прашуваа:

„Да не има нешто ново?“, „Ајде што чекате?“ …

Не знам ни сама колку ноќи сум плачела и сум се задушувала од сопствените солзи, посебно затоа што отсекогаш сум сакала деца. Сметав дека имам премногу љубов во себе и само сакав да имам свое дете за да му ја подарам целата таа љубов. Секој месец беше истата приказна… Секое водење љубов беше проследено со надеж дека ете сега конечно ќе биде. Не ме прашувајте на крај како бидна.

Знам само дека направив огромни промени во животот и дека тоа беше периодот кога наместо да барам привремени решенија, одлучив да застанам и посериозно да се посветам само на тој проблем.

Прво и основно дадов отказ на работното место што ме оптоваруваше максимално и што ми предизвикуваше стрес. Си реков дека не ми е важна кариерата ако душата ми е празна. Јасно ми беше дека не заработувам „милиони“, иако работам долги часови и дека во суштина работите нема многу да се променат ако направам пауза.

Со оглед на тоа што целиот свој живот се борев со вишок килограми, тој период решив дека повеќе нема да внимавам колку калории внесувам, туку што внесувам. Наместо да го скокам појадокот, секое утро го започнував со овошје.

Можеби, сега кога ќе размислам, од една поинаква перспектива – тоа беше периодот кога научив прво да се сакам себеси. Престанав да се оптоварувам со тоа што мислат другите.

Едноставно, периодот беше таков, можев да си дозволам конечно да го „отпуштам мозокот“ и наместо да трчам по кариера, да седнам и да се посветам на тоа што сакам да правам понатаму во животот. Убавите вести ги дознав само месец и половина подоцна.

Iskrena-ispoved-sega-imam-dve-deca-a-sedum-godini-se-borev-so-neplodnost-kako-stresot-ne-mi-dozvoluvashe-da-stanam-majka-02.jpg

Кога во ноември 2016-тата година првпат ми задоцни менструацијата, две недели ми беше страв да направам тест. Молчев и криев во себе, не сакав да си давам лажни надежи, за да не се разочарам. Се случувало и претходно да ми доцни, па да добијам…

Дента кога конечно собрав сили и го направив тестот ќе го паметам целиот свој живот. Беше рано утро, сопругот сè уште спиеше. Се измолкнав како крадец од постелата и тоа беа најдолгите пет минути во мојот живот.

Кога ги видов двете црвени линии, не можев да поверувам дека ете тоа се случува … Дека, конечно сум бремена. Сè уште понекогаш не можам да си поверувам колку ми се промени животот од тоа утро.

Да, чуда се случуваат. Некогаш без да сакате самите ќе придонесете за тие чуда, а некогаш можеби животот има поинакви планови за вас.

Она што во тие седум години го научив е дека можеби понекогаш е најважно да застанете и да се соочите прво со себеси. Понекогаш не е потребно само да ги лекуваме последиците, туку да застанеме и да видиме која е причината, зошто ги чувствуваме тие последици.

Ако ме прашувате мене, да, мојот проблем беше стресот. Прво затоа што работев под стрес, бев под постојан стрес кога ќе станам мајка, бев под стрес дека годините ми поминуваат, бев под стрес дека никогаш нема да слушнам некој како ми вика: „Мамо“… Дополнителен стрес ми предизвикуваа (иако добронамерни) коментарите, советите и мислењата на другите. 

Денес, ако ме прашувате што би ви рекла и што би ве советувала, прво ќе ви кажам да се научите да се сакате себеси и да заборавите на стресот, она што е ваше ќе си дојде. Со тоа што потајно се обвинувате себеси или го обвинувате партнерот нема да промените ништо - туку само правите да се чувствувате уште понеубаво.

На крајот на краиштата нема само еден и единствен начин да станеш родител. Важно е во себе да имаме љубов, затоа што во идните мигови само таа љубов ни дава сила да продолжиме понатаму. Борбата со неплодноста е тоа – борба, а некогаш е потребно да застанете и да размислите за стратегијата со којашто ќе настапите за на крајот да извојувате и победа.“

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg