Ми ги откажаа летовите до Скопје, не ме примија во авион и на крај фатив корона – никако да си дојдам дома од Бразил
Прво хаос со затворени граници, потоа средување на моите документи за легализирање на престојот во Бразил, па новогодишни и божиќни празници, зима во Македонија, ризично за патување, ама си реков за Велигден мора да сум дома во Скопје. Арно ама, Велигден помина, а јас сум уште во Бразил, откажани летови, па нови рестрикции и на крај, како цреша на шлагот, мојот тест за Корона позитивен. Шок, солзи и паника кога ли јас ќе стигнам дома?
Поминаа скоро две години откако заминав од Скопје, на брод, а поради пандемијата, крстарењата беа прекинати и дојдовме дома во Бразил.
Карантиниот во Бразил почна во март 2019 година, а јас го напуштив пловниот дом на 22 март, и оттогаш сум во нашиот дом во Сао Пауло со силна носталгија за домот во Скопје, за семејството, другарките, кафе и бурек, прошетка во парк и во чаршија...
Прво хаос со затворени граници, потоа средување на моите документи за легализирање на престојот во Бразил, па новогодишни и божиќни празници, зима во Македонија, ризично за патување, ама си реков за Велигден мора да сум дома во Скопје. Арно ама, Велигден помина, а јас сум уште во Бразил, откажани летови, па нови рестрикции и на крај, како цреша на шлагот, мојот тест за Корона позитивен. Шок, солзи и паника кога ли јас ќе стигнам дома?
Откажани летови
Картата ја купив за 27 април, од Сао Паоло до Мадрид, па Милано и на крај скопскиот аеродром. За 35 часа ќе бев во Скопје. Ама...ама еден по еден летовите почнаа да откажуваат. Прво од Милано до Скопје, па ајде преку Белград, па преку Виена бидејќи до Милано немаше.
Комбинации, летови и еден куп нервози! На крај кога мислев дека конечно сé е во ред, неполни 24 часа пред тргање, откажан летот од Сао Паоло до Мадрид. Уште една непроспиена ноќ, а картичката веќе без средства. Среќа моја, најдов лет со друга компнија, и братучед ми, да е жив и здрав, доплати.
Спакувана, со негативен ПРЦ тест одиме на аеродром...еуфорија до небо...
Нови рестрикции за патници од Бразил
Со картата во рака, чекирани летови и подготвена за долг пат до Косово (немаше лет до Скопје), стигнав во аеродромот во Сао Пауло. Но, наместо бординг пас ми дадоа забрана за качување во авион.
ЕУ со нови правила за патниците од Бразил. Смеело да се направи само еден претовар во земја од Шенген зоната и карта директно до дестинацијата, а мојата беше до Косово преку Мадрид и Женева.
Крокодилски солзи и неверување на аеродорм! Силна шлаканица назад во реалноста дека речиси е невозможно да се патува во ек на пандемија! Не бев само јас, и други патници со истата несреќна судбина како мојата.
Одев од шалтер на шалтер да пробам да сменам лет, да најдеме начин, но нема летови, или долги чекања, а совет од таму беше да летам само преку Истанбул, најбезбедно е така. Со скршени соништа, тажна и расплакана - си дојдов дома.
Другарка од Скопје се растрча, тука од Бразил скоро сè затворено, пак сме во карантин, па најдовме лет од Сао Паоло до Скопје преку Истанбул. Летот купен, другарка за мерак, јас со нова надеж дека во мај ќе си дојдам во Скопје.
Позитивна на Ковид
Со сето внимавање, со сите мерки и чување, од дома неизлегување, јас успеав да се заразам во вирусот, најголемиот непријател на денешницата.
Ден пред летот за Истанбул, пакување на куфери и подароци, мали ситници, средување на документи. Понеделник, а летот во вторник во три по полноќ.
Некој немир во мене и силна главоболка. Веројатно нервоза околу патувањето. Ноќта пред тоа сопругот имаше температура, ама настина од промена на време бидејќи тој со мотор оди на работа.
Ама, немирот расте, јас со неубаво претчувство. Сама дома, параноја и страв, решив да направам брз тест, по совет на другарката, онака, да сум си мирна. Со такси до првата аптека.
Сопругот ме чекаше таму. Додека чекав срцето во петици, а стравот оправдан - тестот излезе позитивен. По мене, и неговиот позитивен. Светот ми се прврете за 360 степени. Мислам дека очите ми пресушија од толку плачење...
Не ми се веруваше на мојата несреќа, зарем е можно да сум толкав баксуз да не можам да си појдам во родениот дом.
Изолација, витамини и тага
Едвај спиев првите денови, што од тага, што од страв од вирусот. Совети од сите страни, витамини, чаеви, супи, терапија, спијте, чувајте се.
Едниот прави чај, другиот цеди лимони, аларми на телефон за терапија, по 7 видови на лекови за двајцата, антибиотици, витамини, капки... за среќа многу слаби симптоми.
Сопругот речиси ништо, јас со кашлица и губење на сетилото за мирис. Многу серии, филмови, па и цртани... уште два дена. Ни рекоа дека со слаби симптоми доволно се десет дена, ама со мојата НЕсреќа, ќе си седам две недели дома.
Барем имав време да испратам апликации и да се обидам да си повратам барем дел од парите потрошени на сите летови.
Останува само да се чувам, летот го сменивме за 4 јуни... со нетрпение го чекам тој ден! Полна со надеж дека конечно ќе се качам во авион!
Си мислам кој баксуз ме снајде, жива несреќа, туку, што вели баба, гледај го здравјето. Куферите се спакувани, јас не планирам од дома да излезам до времето за тргање со аеродром... На петти јуни ќе слетам во Скопје.
Прочитајте повеќе Бродски дневник на Ивана: „Ме стегаше срцето на скопскиот аеродром кога првпат заминав на брод – по 8 години, пак се пакувам“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com