Ми фали времето „Титни ми кога ќе стигнеш на Рекорд“ и кога носевме топуци од Фард како униформа

Сe сеќавате ли на ноќниот живот во Скопје во почетокот на новиот милениум? Имаше навистина добар ноќен живот, кафани, кафичи, барови и клубови, ечеше музика за сечиј вкус иако на крај завршуваше со турбо фолк, познати диџеи, фестивали, журки и концерти, музика во живо на Школка во парк... Се пиеше вино и пиво, во парк или на клупи пред да се влезе во диско!

nostalgija-za-ranite-2000-godini-kafana-pa-vo-disko-spricer-ili-vino-so-step-pivo-vo-park-pa-vo-marakana-01.jpg

Во последниве денови, дома, во карантин, интернетот ми е главна занимација. И така во раните утрински часови, наидов на видео на ТикТок за модата во раните 2000-ти. Видеото, само за неколку секунди ме врати назад во времето, пред околу петнаесетина години, најдобрите години, средношколски. Ах, што би рекле старите, луди млади години.

Верувам дека генерациите малку пред мене и барем две-три по мене, јас сум 88-ма, родени во комунизам, успеаја да уживаат во детството и младите тинејџерски години без големо влијание на технологијата и интернетот, па имавме навистина луди години.

Се разбиравме со титка или евентуално СМС пораки, а кредиот беше 500 денари и требаше да трае три месеци... Арно ама траеше една недела и после титкање, она титни ми кога ќе стигнеш на Рекорд! Сите случувања почнуваа од Рекорд, збирно место, кој од Бутел, Кисела Вода, Лисиче, Тафталиџе или Карпош.

nostalgija-za-ranite-2000-godini-kafana-pa-vo-disko-spricer-ili-vino-so-step-pivo-vo-park-pa-vo-marakana-03.jpg

Се живееше за петок и сабота, цела недела се договаравме кај ќе одиме, што ќе носиме и секако што ќе пиеме... Првите пијанки со евтино вино.

Кафана, па во диско

Се сеќавам, вечерата почнуваше во некоја кафана, по можност со музика во живо која ечеше турбо фолк, иако, меѓу редови, никој не слуша српска музика, ама после две три чаши, Црно и Златно, Наочаре црне, Тело вретено...

Лаф Муабет, кај Симе, Вистинска Роза, кафанчето Вивенди под железничка, Јоле во центар или Деспина, таа поретко, во ек на врвно пијанство. Пиеме шприцер, и тоа Смедеревка со кисела вода или ретко по некоја вотка или евентуално ракија, тоа, за да не фати побрзо.

За мезе делевме пилешки прсти, која лоша комбинација, гледано од денешна перспектива.

nostalgija-za-ranite-2000-godini-kafana-pa-vo-disko-spricer-ili-vino-so-step-pivo-vo-park-pa-vo-marakana-02.jpg

А за стајлингот, фармерки со екстра низок струк и некоја маичка без прерамки со дуксерче кое после првата чаша лета, чизмите „топуци од Фард“ и секако сенката на очите иста боја како и маичката. Како војници од армија, сите исти.

Понекогаш ако решевме дека ептен ќе се дотеруваме, фустанче или минич со мрежести хулахопки. Кај ни бил паметот, но следиме мода, нели? Пред „искачање“ планови на големо, која што ќе носи, позајмување блузички или обетки, и секако пеглање на косата, ама пеглање со пегла на даска, хард кор права коса и се молиш да не заврне.

Подоцна купувавме пегли на коса и правевме цик-цак. Оф, леле, се обидувам да најдам фотографии, среќа што ги нема!

Кафаните затвораа околу еден по полноќ, а од таму во диско. Ми текнува само на Фабрик, Колосеум и таа во центар што постојано менуваше имиња. Некогаш со гратиси, некогаш знаевме кој е на врата, менаџери, ама секогаш се продолжуваше.

Таму истата шема, почнува со хитчиња од МТВ, за да заврши со ултра турбо фолк, а ние поднапиени и секако делиме шејкер Камикази, синоним за коктел. Ноќта завршуваше во некоја од многуте пекарници низ градот, а нам омилена карши Соборна на банички од 25 денари.

Nostalgija-za-ranite-2000-godini-kafana-pa-vo-disko-spricer-ili-vino-so-step-pivo-vo-park-pa-vo-marakana-02.jpgФото извор: MyGuideMacedonia

Во парк, па во Маракана

Како растевме, така и нашиот вкус за музика се менуваше, па во последната година од средно и факултетските години ги поминавме во некоја поп-рок фаза со загарантирано саботно журкање во Маракана. Веселите бои и штикли ги заменија фармерки, црни блузи и старки секако, многу црно моливче под очите и кожни алки. Колку само алки имавме!

Загревањето беше во парк, на сепариња или љумфер, со црвено вино, во пластично шише ублажено со Степ дринк и чаши купени на парче. Вино со степ, кај ни бил паметот?

Мојата група броеше околу шест-осум девојчиња, па трилитарка ни беше доволна. Во зима, студено во парк, се седнеше или на Форум или на Лејди, местото кај што денеска е куќата на Мајка Тереза или во Браво, рокерскиот кафич во Буњаковец на ѕидарско Скопско. Таму беше најевтино, 50 денари.

Видно под ефект на евтино црно вино продолжуваме или во Маракана или во Хавана. Ако не ме лаже сеќавањето репертоарот им беше ист, неколку хит песни уште од 70-тите и 80-тите што сите ги знаевме и на кои се трскавме од земја. Буквално се трескавме од земја! А во Маракана влезица секогаш било, а верувам и ќе биде, 120 денари со консумација.

Nostalgija-za-ranite-2000-godini-kafana-pa-vo-disko-spricer-ili-vino-so-step-pivo-vo-park-pa-vo-marakana-04.jpgФото извор: VisitSkopje

А да, да не ги заборавиме летните дискотеки во парк. Оние што беа за шмизли и кремци, кај што се пиеше сечена водка или текили. Одевме и таму, ама поретко, кога ќе сакавме да смениме средина. Обично во сабота, на хип хоп. Лудило нели, од кафани, преку рок, до хип хоп?

Слатки спомени, забави и мување во темниците во парк, собирање на последните пари да купиме текили и многу пијанстава кои завршуваа често со губење на меморија. И секако најдобрите забави беа околу Нова година, предновогодишна, Стара Нова, ај да допиеме што останало, изнајамување станови или куќи и секако, озвучување.

И првите одмори со друштво во Охрид, накрцани сите во приколка во Градиште... ах колку би сакала да се врати времето!

Како остаревме се сменивме, мирни вечери, коктели, барови или ресторани. Другарствата останаа, спомените без број за едно лудо време.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Кога стана толку безобразно скапо да се излезе на „пијачка“ во Скопје? Јас сум од времето кога џин-тоник беше 60 денари, шише пиво се продаваше за 50, ...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg