Искрена исповед: „Немам време да одам до тоалет, од пумпање ме болат раце – како е да се биде мајка на мали деца?“
Да бидеме искрени: Не е лесно да бидеш мајка на мали деца – проблемите што некому му се чинат како мали, нам ни тежат на грбот. Често повозрасните знаат да кажат: „Мали деца-мали проблеми... Што толку се измачивте вие, чекајте да видите...“ Но дали е тоа така? Дали тоа што сум мајка на мали деца значи дека проблемите што јас ги имам се помали од оние што имаат поголеми деца?
фото: depositphotos.com
Некогаш децата ги гледале во заедница. Секогаш имало по некој да помогне - ако не свекрвата, тука е мајката, ако не мајката, тука е јатрвата, золвата итн. Денес најголем дел од нас сме сами мајки. Од една страна, немаме кој да ни се меша, но немаме ниту кој да ни помогне.
Отворете на социјалните мрежи и гледате еден тон фотографии и видеа од тоа како славните мајки нашминкани, дотерани, со уредни нокти, уредна фризура, уживаат во мајчинството. Сите велат дека нема ништо поубаво од тоа да се биде мајка. Уживаат во моментот.
Вие, како тазе мајка, уморна од целодневната макотрпна работа што ја носи мајчинството ги гледате фотографиите и си велите: „Како ли им успева?“
Онака, веднаш, ама моментално, добивате желба малку да си посветите внимание, оти нели, износивте дете, поминавте еден куп промени, телото во година и пол ви се смени во сите можни форми и облици.
Не се чувствувате убаво и сигурно во сопствената кожа. Ги гледате другите и ви се чини дека нив некако сè лесно им оди од рака, а вие упорно се обидувате да ги ставите нештата под ред, да си посветите внимание, да бидете барем малку себични, ама не бидува.
Гледате децата се смириле, заспале, па си викате: „Ај таман ќе ги средам ноктите…“ Го средувате обликот, стругате, ќе стигнете до шишенцето лак, ќе намачкате еден слој и таман ќе седнете да почекате да се засуши лакот, од другата соба го слушате поголемото дете како вика: „Мамооо“, а три минути по него се јавува и помалото…
Ништо од лакот. Повеќе среќа следниот пат.
Набрзина го криете сетот за маникир, оти последниот пат, на ќерката ѝ текнало сама да се лакира, па ја налакирала и облеката и мебелот и сè останато околу неа, а сопругот ви се налутил оти „кај сега баш ви текнало да се лакирате“…
фото: Freepik
Веѓите ги кубете во етапи. Денес малку ваму, утре малку таму… За депилирањето и за негата на телото да не говориме. Слушате како некои ве обвинуваат дека не сте сакале да се грижите за себе, дека ве мрзело да вежбате, дека не се сакате себеси …
Е, тоа според мене е мајчинството. Не дека не сакаме да си посветиме внимание, не дека наоѓаме изговори, не дека не сакаме да се грижиме за себе – туку кога си мајка, не можеш да бидеш себична, едноставно мајчинскиот инстинкт е посилен од кој било друг инстинкт! Иако сè правиме со љубов, сепак има мигови кога сме навистина уморни од тоа да бидеме секогаш на последното место.
Ако гледаме на социјалните мрежи, ретки се оние што говорат за реалната слика на мајчинството, туку нè бомбардираат со нереални и однапред исценирани фотографии. Како изгледа да бидеш мајка...
Пумпањето млеко можеби изгледа просто и едноставно вака на фотографија, ама не е така. Те болат раце од пумпата, бараш совршена „поза“ за полесно да истече млекото.
Ќе се наведнеш за да ти помогне гравитацијата. Се молиш да не ти распукаат брадавиците, ниту пак да не се затне некој канал – оти тоа не само што е болно, туку може да предизвика и покачена температура и треска, па и еден куп други проблеми.
Таман си одмолзила одредена количина, кога ете го бебето плаче – гладно е… Па ајде набрзина ја ставаш пумпата на страна го земаш бебето.
фото: Freepik
Стануваш експерт за храна што смееш и што не смееш да ја јадеш. За сè што ќе ставиш во уста прво треба да направиш детална пресметка и истражување – дали смееш или не смееш да го јадеш.
Таман си се навикнала на доењето, почнуваат грчевите. Ќе поминат грчевите, ќе почнат проблемите со забите. Ќе поминат забите, ќе почне нешто друго…
Па таман ќе се израдуваш дека детето почнало да оди, брзо ќе се соочиш со бруталната реалност дека одењето значи и истражување, а тоа значи внимавање на сè што оставаш каде го оставаш и дали детето може да го дофати…
Доаѓале моменти кога просто сум се молела да најдам 5 минути за да се истуширам или да одам до тоалет. Ете тоа е реалноста. Ама за неа ретко кој говори. Сите ви велат: уживајте додека се мали, после ќе почнат вистинските проблеми …
За излегувањето да не говориме. Ако претходно ви требале 15 минути за да се подготвите и да излезете, сега бидете благодарни ако успеете да се спакувате за еден час и тоа без да заборавите нешто.
Облека за едното дете, пелени за другото дете, ќебенце, марамчиња, вода, сок, грицки, нешто за по пат, занимација ако случајно им текне да беснеат во автомобилот… Да, нешто заборавив… Крем за сончање? Крем против комарци? А ринглата ја исклучив ли? Пеглата?
Но, да се разбереме, на крајот на денот, свесни сме дека и ова е само период и ќе помине. Нема цело време да биде така. Децата ќе пораснат, ќе дојде време и за нас…
Ама мене пак нешто друго ме копка: Зошто не сме рални и не сме искрени колку навистина е тешко да се биде мајка? Се срамиме ли од тоа да признаеме дека ниту една од нас не е родена со претходно инсталиран чип што ќе ти помогне да знаеш сè? Вооружени сме само со инстинктот и тоа е тоа!
Една од инфлуенсерките што е брутално искрена за тоа како е да се биде мајка и што ме инспирира да го напишам текстов е Бека Маберли, која е позната на Инстаграм со нејзиниот профил @amotherplace.
Таа пред своите 35.000 следбеници говори за реалните случувања од животот на мајката, како и за сите проблеми со коишто мајките се соочуваат.
Во продолжение погледнете некои видеа за тоа што таа го говори, како изгледа реалниот живот на една мајка:
За крај не останува друго што да ви кажам, освен да – не сте сами, сите поминуваме низ истото и се трудиме колку можеме да бидеме подобри родители.
Ќе дојде ден, децата ќе пораснат, нештата ќе се променат, тогаш ќе говориме за некои други, можеби поголеми проблеми. А, дотогаш, си наоѓаме убавина во секој момент...
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело