Потекнувам од дојранско – никогаш не ми било јасно како е можно да имам 5 тетки со исти имиња
Родена сум во Белград, сум живеела во Охрид, Радовиш и во Скопје, а татко ми по потекло е од дојранско. Тоа што сум шетала насекаде од една страна значи дека знам по нешто за сите, а кога ќе видиш и ништо не ми е јасно во целост.
фото: depositphotos.com
Кога бев мала, летните распусти ги поминувавме по малку во Дојран на гости кај баба и по малку во Радовиш на гости кај баба ми од мајчината страна. Сега сум во Скопје речиси 15 години.
Живеам тука, се навикнав тука и едноставно не верувам дека би можела повторно да се селам некаде. За првпат се чувствувам како да сум пуштила корења.
Ама, пак, сè нешто ме навраќа и на оние другите места, од каде што ми е потеклото. Ѕиркам како воајер по социјалните мрежи и следам што се случува. Сакам да знам што има ново, дали ги паметам луѓето, дали нешто се променило... Дали сè уште сите внуци ги носат имињата на своите баби и дедовци?
Кога бев дете кога ќе отидевме на гости во Дојран и во дојранското село Николиќ, од каде потекнува татко ми, сè ми беше чудно и нејасно. Не ми беше јасно како е можно да имам 5 тетки што имаат исти имиња или да имам чичко што го носи истото име како татко ми, а всушност се први братучеди. Како е можно тоа? Зошто е тоа така?
Не ми беше јасно зошто е толку голем проблем тоа што јас не го носам името на баба ми – зошто се чувствува навредено? Зошто се чувствува навредено што брат ми не го носи името на дедо ми? Навистина, изгледа малку чудно и несекојдневно за секој што од страна ќе дојде и не ја разбира традицијата.
Луѓето и ден денес се лутат затоа што - ете, не сум имала време да ја научам традицијата, да ги научам обичаите – како да не знам од каде потекнувам.
фото: pixabay.com
Но, кога живееш во една средина целосно се посветуваш на средината во која живееш и кога ќе отидеш на друго место, без разлика дали татко ти потекнува од таму или мајка ти, ти пак си како турист. Не си од таму – не ги знаеш луѓето, не ти е јасно ништо.
Така, сега, дури откако пораснав сфатив во што бил проблемот. Традицијата е таква каква што е, а како што гледам, некои уште ја почитуваат: сите синови, првите машки деца ги крстат по дедото, а девојчињата ги носат имињата на бабата.
Така ако една жена има 5 сина и сите синови имаат по една ќерка, секоја од нив ќе го носи името на бабата – ете ја логиката за моите пет тетки со исто име.
Ако сите синови имаат и по еден син, тие сите ќе го носат името на дедото – затоа првите братучеди имаат исто име.
Е сега, што се случува со останатите деца? Второто машко дете често може да го носи името на дедото по мајката, или втората ќерка ќе го носи името на бабата по мајката. Решен проблем!
Кога ќе видите, во основа не е тешко да се сфати. Децата си добивале име уште пред да се родат. Нема пребарување, толкување на имиња – нема кавги за тоа како ќе се вика, си се знае. Секоја фамилија си има по две до три имиња што традиционално си се вртат.
Кога ќе погледнам сега на нештата од една поинаква перспектива можеби и не им било толку чудно решението – сè било некако поупростено и подредено – па затоа и било чудно кога ќе се појави внуче и ќе носи име што не е традиционално во семејството.
Во разговор со роднините што се таму, дознав дека оваа традиција полека се напушта, но сè уште има и такви што си ги почитуваат корените и традицијата.
Така ако отидете во дојранско и забележите дека на маса седат пет луѓе со исти имиња, тогаш голема е веројатноста тие да се први братучеди, а од почит кон традицијата го носат името на нивниот дедо.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело