Сведоштво на скопјанка: „Го чувствував духот на баба ми, како да ме прогонуваше“
Духови, душите на покојните, оние кои одамна заминале на оној свет, но се враќаат меѓу живите... Kако сенка, како енергија, на сон или некое чудно претчувство дека некој или нешто постојано те надгледува и следи...
Многу е тешко да се објасни постоењето на духови, а уште потешко да се поверува во нив. Милион приказни и сведошта, уште толку скептици, но и верници... Духовите биле и секогаш ќе бидат нерешена мистерија.
Јас лично верувам во постоењето на духови, иако немам видено со свои очи, но познавам мои блиски кои имале средба со натприродното.
Приказнава е вистинска, моја блиска пријателка. Можеби на почеток ќе ви звучи чудно и нереално, но навистина таа имала средба со духот на покојната баба.
Таа е од семејство во кое како мала нејзините родители се развеле, па заедно со мајка си и помалата сестра се враќаат во домот на баба ѝ и дедо ѝ по мајчина страна. Татко ѝ и неговата мајка остануваат сами во станот во центарот на Скопје. И двајцата биле љубители на алкохолот. Губат секаков контакт.
По неколку години прво починува бабата, а потоа и татко ѝ. Таа, со само десетина години не оди на ниту еден погреб.
Поминуваат повеќе години, а таа веќе не се ни сеќава на татко си, а баба ѝ никогаш ја нема ни запознаено. По некое време решваат да се преселат во станот во центарот што го наследиле по нивната смрт. Мојата другарка не била баш задоволна со преселбата, но било поблиску до нејзиниот факултет и средното училиште на сестра ѝ.
Го реновирале станот, но сепак таа никогаш не го чувстувала како свој дом.
Сон или јаве?
Кратко по преселбата во станот таа почнала да ја сонува својата баба. Таа вели не се сеќава како изгледала, никогаш на сон не ни го видела нејзиниот лик, едноставно знаела дека е таа. Мајка ѝ и рекла дека не е ништо страшно, сигурно е само моќта на потсвеста.
Често се будела во ноќта, вознемирена, исплашена, а секогаш кога ќе разбудела забележувала сенка. Сестра ѝ сакала секогаш да спие со отворен прозорец, па мајка ѝ и велела дека е само игра на ветрот и светлината. Но, таа била убедела во спротивното.
Сѐ било речиси нормално... Сѐ до една ноќ...
Летна ноќ, топло, отворени прозорци. Немало никаков ветер таа ноќ. Мирна и спокојна. Си легнала после долгиот ден.
„Почувствував тежина на градите, како некој да седи врз мене, а јас тонам во креветот. Јасно ја чувствував тежината, која станувашесѐ потешка и потешка“, се сеќава таа. Додава дека во еден момент не можела веќе да се мрда и кога сакала да ја разбуди сестра ѝ ниту збор не можела да изусти.
„Се обидував да викнам, но бев скаменета. Знам дека се разбудив и сакав да вриснам, но не успеав. Не можев ниту еден дел од телото да помрднам“ – раскажува таа, додавајќи дека чувствувала дека некој е седнат врз неа.
„Знаев дека е покојната баба, не знам како, но едноставно знаев“. Скоро десетина минути таа била скаменета, а по некое време почнала да го губи и здивот. Вели дека како да се борела со невидлива сила.
Во сета таа чудна борба со невидливото, губејќи го здивот, сестра ѝ се разбудила и почнала да вреска. Сестра ѝ ја видела скаменета како се мачи да земе здив.
„Кога сестра ми се разбуди, тежината исчезна, а јас земав длабок здив. Кога повторно успеав да се мрднав видов како сенка, како силуета на жена излезе низ прозорцот. Немаше ветер, а завесите се занишаа“, се сеќава таа и до ден денес се сеќава на секој детаљ од таа ноќ.
По кратко време се смирила и ѝ раскажала на сестра си, но таа, вечен скептик ѝ рекла дека е само парализа во сон, дека е многу често. Разочарана што не ѝ поверувала се вратила во кревет, но таа ноќ око не склопила. Долго време по таа ноќ, таа сѐ потешко заспивала. Стравот секоја ноќ бил присутен.
Соновите продолжиле...
Нејзиното семејство не ѝ верувало дека таа го гледа духот на баба си, пред сè бидејќи таа никогаш не ја запознала неа.
Еден викенд баба ѝ и дедо ѝ, од страната на мајка ѝ, дошле на гости. Дедо и по ручекот, како и секогаш си задремал. Бил сам во собата. Кога се разбудил раскажал дека и тој почувствувал некоја чудна енергија, а кога се разбудил видел сенка од жена.
На нему никогаш не му се допаѓала свекрвата на ќерка му, па затоа тој верува дека тоа бил нејзниот дух, да го мачи и другиот свет. По тој ден, тој никогаш повторно не заспал во нивниот дом.
Истата ноќ таа повторно имала сон од баба ѝ... Барем таа верува дека е баба ѝ, нејасна женска фигура. Многупати кога била сама дома таа чувствувала како таа да е таму.
Запали свеќа за нејзина душа
Мојата пријателка долго време го чувствувала присуството на покојната баба, како сенка, на сон, како силуета во ноќта. Еден ден, близу Задушница, денот на мртвите, повторно ја сонувала.
Тогаш таа ѝ раскажала пак на својата баба, по мајка. Таа жена во години, религиозна и традиционална. Ѝ рекла да појде во црква, да запали свеќа и да ја спомене баба си.
„Ако не можеш да ѝ појдеш на гробот, појди во црква на Задушница, запали свеќа доле, остави пешкирче на икона, сети се на неа, иако одамна е почината“, бил советот од баба ѝ.
Го послушала секој нејзин збор и направила сé како што ја советувала.
Откако запалила свеќа во чест на покојната баба, нејзините сонови, кошмари престанале. Па оттогаш, таа често оди во Соборниот храм во центарот на градот и пали свеќа и за баба ѝ и за татко ѝ.
Духовите се души кои имаа недовршена работа меѓу живите
Иако науката може да даде објаснување на многу природни и неприродни појави, сепак постојат нешта кои не можат да бидат објаснети. Гледано спред научните факти, кошмарот на другарка ми за кој таа верува дека е средба со покојната баба е само парализа во сон. Но, не е и за неа, бидејќи, таа вели знае што точно почувствувала во тој момент.
Постарите знаат да кажат дека духовите всушност се душите на починатите кои не заминале мирно на оној свет, или имаат некоја недоврешна работа. Често е верувањето дека духовите доаѓааат меѓу живите барајќи одмазда за некое злодело.
Други пак веруваат дека духовите се враќаат на местото каде што починале. Црквата пак ги дефинира како души заробени меѓу два света, а причина за тоа е не можноста да преминат во другиот свет бидејќи нешто сè уште ги поврзува со живите.
Многумина ќе поверуваат во научното објаснување за парализа во сон, други пак, кои имале слично искутво ќе го потврдат постоењето на духови... Едно е сигурно, секогаш ќе постои мистеријата за душите од задгробниот живот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com