Во свет во којшто сите очајно се трудат да бидат уникатни – зошто сите девојки изгледаат исто?

„Ама стави си свилени трепки“, упорна е мојата братучетка, која веќе 3 пати во 3 месеци го повторува истиот макотрпен процес. „Види колку се убави. И нема да мора да се мачиш да ги извиткуваш и издолжуваш самата. Само треба да внимаваш како спиеш со нив и како ја вадиш шминката од очите“.

Zosto-site-devojki-izgledaat-isto-01.jpg

Мене сето тоа ми изгледа како премногу заморување. Да, убаво изгледаат. И да, се познаваат дека не се природни.

И не, немам намера да внимавам на која страна спијам и дали премногу ќе ги сплескам со перницата ако се „заборавам“ со спиењето.

И не, не сакам да ја истрпам алергиската реакција од лепилото на трепките. Ниту пак да пазам како и колку силно го мијам лицето со нив. А да бидам искрена, и скапо ми е.

Кога ќе го ставам на кантар сето она што го нудат свилените трепки како плус, и сите минуси на истите, второто некако натежнува на мојата вага. Јас мислам така. Некој друг мисли поинаку. И секој со своето.

Сепак, во свет којшто толку многу ја цени оригиналноста, природноста и уникатноста, сите жени на денешницата изгледаат исто.

Како извадени од калап. Долги коси. Изгорени од бланш, од пуста желба за „снег бела“ боја на косата. Тесна половина и истакнат задник. Задолжително деколте. Задолжително свилени трепки.

Несоодветно големи веѓи, драматично исцртани како пијавици. Премногу шминка. И огромни усни како каснати од пчела. И сите упорно сакаат да изгледаат така.

Нели сме уникатни? Нели сме посебни? Зошто тогаш би сакале сите да изгледаме исто, копија, на копија, на копија?

И постојано сме во некаков натпревар помеѓу себе. Да се облечеме сите според последниот моден тренд, дали тоа се проѕирни кошули со големи, пуфкасти ракави или цветни сакоа или широки панталони.

Не е важно дали убаво ти стои – ти купи го! Имај го, носи го, по секоја цена. Модерно е. Исто и со фризурите, исто и со шминките и со големите усти. Најважно очигледно е големината на усните, не и она што излегува од нив.

И тој натпревар продолжува. Која е помодерна, која има повеќе? Повеќе чевли, повеќе чанти, повеќе часовници и парфеми.

Која накачи најмалку килограми во текот на бременоста, која ги симна најбрзо? „Леле, тебе ти требаа три месеци да се вратиш во нормала, мене само еден! Одма го симнав вишокот!“

И, сега? Да ти дадеме орден или како? Дали сме свесни каков притисок си наметнуваме меѓусебно?

Сите да изгледаме слабо, фит, модерно, „скоцкано“, по цена на психата и парите.

И што ако на некоја жена ѝ треба повеќе време да го симне вишокот килограми? Или одбива да се облекува слепо по последната мода и да „напука“ ботокс на усните?

Нема да ѝ правиме муабет или како? Помалку вредна е од останатите „клонови“?

Мене пак сè уште најубави ми се природните и паметните жени. Оние што се сигурни во својот изглед и уживаат во своето тело, без оглед на тоа каков облик има истото.

Што се насмеани, што не следат слепо трендови и не ѝ се покоруваат на „матрицата“ на денешницата компонирана од Кардашијан-типови на жени.

Што стареат достоинствено и мудро. Што не се плашат да изедат еден ред чоколадо повеќе.

Жените со кои можеш да си направиш убав муабет, за книги, за музика, за филмови, за светот и животот.

Е, таквите жени се најубави. И најуникатни.

Но, секој со своето мислење и став. Секој има право на избор. Јас ја гледам убавината што доаѓа однатре.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Седев сама на гинеколошка онкологија во Скопје и ми се плачеше „Тргнав утрово на скопската клиника, а нозете ми се враќаа назад. Не сакав никој...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg