„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на 16-годишната верзија од себеси?

Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфатиш еден ден дека таа твоја „слабост“ луѓето ќе ја користат за да те манипулираат. Немој да плачеш затоа што мајка ти нема пари да ти купи нова облека. Твоите солзи ја болат, верувај ми. Таа потајно се јаде и посакува ако може да ти го даде целиот свет, но не може. Ќе го сфатиш ова еден ден кога ќе бидеш мајка и кога ќе се бориш за сопствените деца. 

ne-isturaj-go-gnevot-vrz-roditelite-ne-trudi-se-da-im-se-dopadnesh-na-site-shto-bi-i-porachala-na-16-godishnata-verzija-od-sebesi-01.jpg

Девојко ти не ме познаваш, но јас те знам.

Секојдневно во огледалото ме гледаат твоите очи – жедни за знаење, жедни за авантура.

Ти имаш само 16 години, ама сè уште живееш во мене. Иако поминаа веќе 18 години сè уште имам проблем да се сетам дека јас не сум ти.

Немој да се залажуваш и да веруваш дека годините се само бројки - не се, ќе го почувствуваш тоа на сопствената кожа.

Ќе сфатиш дека во само еден ден животот може да ти се промени, а со тоа и начинот на размислување и погледот на светот.

Во тој миг ќе сфатиш колку излитена и безвредна е таа фраза и дека луѓето што ја користеле имале други цели и други намери.

ne-isturaj-go-gnevot-vrz-roditelite-ne-trudi-se-da-im-se-dopadnesh-na-site-shto-bi-i-porachala-na-16-godishnata-verzija-od-sebesi-03.jpg

Не – наместо да ги бараш сите несовршености во огледалото прифати дека си убава на свој начин.

Прифати дека твојата убавина доаѓа одвнатре, од твојата душа, од твојата искреност.

Прекини да се измачуваш и да ги копаш акните и мозолчињата.

Еден ден кога ќе престанеш да го правиш тоа ќе ти се исчисти лицето.

Ќе сфатиш дека од преголема желба да бидеш убава си се нагрдувала себе си.

Не се обидувај да ја носиш облеката што ја носат познатите ѕвезди и твоите идоли на телевизија. Создади сопствен имиџ и сопствен стил што ќе ти помогне да се чувствуваш комотно во сопствената кожа и немој да се срамиш од тоа што си поразлична од другите.

Не – немој вечерва да плачеш ако тој повторно не ти обрне внимание.

Сега ти се чини дека тој е најважен, дека ако ослабиш уште некое кило ќе те види, ќе те забележи…

Нездравите диети нема да ти донесат ништо добро, само проблеми со здравјето и искривена слика за себеси.

Заборави го, ако за да те види треба да се промениш себеси од корен и да заборавиш која си, тогаш тој не вреди.

Еден ден нема ниту името да му го помниш.

Ќе најдеш човек што ќе те сака таква каква што си, што ќе ти биде поддршка и што ќе ти даде сила да ги пребродиш и најтемните мигови во животот.

Тогаш ќе знаеш што значи некој навистина да те сака.

ne-isturaj-go-gnevot-vrz-roditelite-ne-trudi-se-da-im-se-dopadnesh-na-site-shto-bi-i-porachala-na-16-godishnata-verzija-od-sebesi-04.jpg

Немој да се вознемируваш што пријателите те бараат само кога имаат потреба.

Ќе дојде и тој ден кога сите ќе се разбегаат, ќе си заминат, а ќе ти останат само оние малку, една рака луѓе што ќе веруваат во тебе, ќе се гордеат со тебе и секој твој успех ќе го доживуваат како сопствен успех, а ќе плачат заедно со тебе за секоја твоја тага.

Тогаш ќе знаеш кои се вистинските пријатели.

Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфатиш еден ден дека таа твоја „слабост“ луѓето ќе ја користат за да те манипулираат.

Немој да плачеш затоа што мајка ти нема пари да ти купи нова облека.

Твоите солзи ја болат, верувај ми. Таа потајно се јаде и посакува ако може да ти го даде целиот свет, но не може. Ќе го сфатиш ова еден ден кога ќе бидеш мајка и кога ќе се бориш за сопствените деца.

Не, немој гневот да го истураш врз мајка ти. Знам дека си гневна и револтирана од неправдите во светот, но немој неа да ја обвинуваш.

Немој да се лутиш ако те искарала. Ќе дојде ден кога ќе плачеш и по стопати ќе ги гледаш старите видео снимки и ќе даваш се од себе за да не ѝ го заборавиш гласот.

Зборовите што си ги кажала во лутина и во гнев ќе те болат и ќе ти стојат како грутка на душата. Ќе се каеш затоа што не си ја искористила секоја можност да ѝ кажеш колку многу ја сакаш.

Да, еден ден ќе ме запознаеш и мене и ќе сфатиш дека годините не се само бројки. Во двете пречисти сини очи на ќерка ти ќе ги видиш сопствените очи и ќе посакаш ним да им ја дадеш целата љубов што мајка ти не можела да ти ја даде, а сакала.

ne-isturaj-go-gnevot-vrz-roditelite-ne-trudi-se-da-im-se-dopadnesh-na-site-shto-bi-i-porachala-na-16-godishnata-verzija-od-sebesi-05.jpg

Еј девојко, полна си со живот. Живеј го секој миг и живеј за секој нареден здив.

Не се опседнувај со неважни нешта и не се обидувај да им се докажеш на луѓето што не сакаат да те слушнат и што те гледаат со предрасуди.

На крајот на краиштата еден ден и ти ќе ја разбереш големата мудрост на Лао Це дека „корисноста на празниот сад доаѓа од неговата празнотија“ и дека за да го сфатиш животот и светот во којшто живееш треба да се испразниш од сите предрасуди и наметнати сфаќања.

Е, тогаш ти ќе бидеш јас.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg