2020 беше многу тешка година, а конечно сфатив зошто баба ми вели: „Само да сме живи и здрави“
Постојат моменти кога животот е груб и неправеден.
фото: freepik.com
Моменти кои ја тестираат нашата сила и навидум ја намалуваат нашата надеж. Она кога нашата самоконтрола одлучува да нѐ издаде, но во последен момент го фрла белото знаменце, онаму каде што му е местото.
2020 беше навистина тешка година. Некому помалку, некому повеќе, но секој од нас ја почувствува. Нема да зборувам за тоа колку пакости донесе, бидејќи луѓето се презаситени од истите, па само уште овој текст им недостига.
Една од малкуте работи кои можеме да ги контролираме е нашиот начин на размислување.
Лично јас, покрај сите подеми и падови, разни искушенија и неволји, сфатив дека имам безброј причини да бидам благодарна. Научив дека колку повеќе сум благодарна, толку повеќе и сум посреќна.
Знам, не е лесно. Понекогаш се чини дека сѐ е појдено во бестрага и веќе ништо нема да биде како порано.
Добро, не се бунтуваме, ќе се помириме и со тој „факт“. Но, никаде не прочитав дека не може да биде многу подобро отколку што било, зарем не?!
Чувствувајте благодарност поради присуството на вашите блиски, оние кои секојдневно ве опсипуваат со љубов. Вратете им тродупло.
Бидете тука за луѓето кои изгубиле драга личност. Секому кому е потребно, подадете рака.
Новогодишните пакетчиња во себе носат посебна магија, особено кога ќе ги подарите.
Слободното време користете го до максимум. Забавувајте се, смејте се почесто, сакајте.
Никогаш не можете да ги вратите деновите што изминале, затоа потрудете се оние идните, кои допрва доаѓаат да ги претворите во нешто вредно за паметење.
Посветете си време на себеси. Самотијата и осаменоста се две различни нешта.
Во друштво или совршено сам, уживајте во секој самрак и секоја измината зора. Во сите спонтани мигови кои ни ги носи овој времеплов наречен живот. Мечтајте.
Бидете благодарни за сѐ што имате.
И да не должам многу, овој совршено несовршен текст ќе го завршам со цитат кој конечно ја доби својата смисла: „Само да сме живи и здрави!“
Конечно сфатив зошто мојата баба постојано го употребува овој зборовен преплет. И навистина ја доби својата симболика.
А ти 2021, те молам биди подобра.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Мила М. | Црнобело