Дедо, недостигаш ти и сета твоја љубов: „Ми туткаше пари кога немав, беше секогаш тука зад мене“
Не сум мала. Одамна пораснав и ја почувствував горчината на светот, суровоста и неправдата. Сепак, во лош ден како оној вчера или пак некој што со сигурност ќе го доживеам некој ден од утре па натаму, длабоко некаде ми одѕвонува гласот на дедо ми.
фото лево: (О)Милена
Неговиот лик ми игра пред очите, како да е сè уште жив. Како да е тука пред мене.
Јас, 24-годишна. Се нервирам зошто не можам да најдам работа. Не можам да се поднесам ниту себеси ниту сите останати околу мене. Се нервирам зошто немам свои пари, зошто не можам да си купам ништо, ниту да отидам некаде.
Млада сум, кога ќе живеам, ако не сега? Кога ќе прошетам, ако не сега? Кога ќе се дотерам – ако не сега?
Додека ги поставувам сите овие прашања силно на глас, дедо ми полека ми се приближува. Вади двесте денари од џебот, многу веројатно последните коишто го има, бидејќи сме на ден или два пред пензијата.
„Не грижи се мила. Ќе работиш… ехеее… толку многу ќе се изнаработиш во животот, ќе ти здодее. Па ќе го бараш ова време кога не си работела. Немој да ми се секираш“. Ми ги тутка парите во рацете и смирено се оддалечува од мене. Со некоја блага насмевка која може да ја излекува секоја тага.
Јас, 18-годишна. Го вртам весникот во којшто се објавени условите за запишување на факултет. „И што да студирам бре дедо?“ „Што сакаш чедо. Што и да запишеш, умна си, ќе го завршиш“.
Сакам да се насмеам гласно. Сигурно нема да станам хирург, доктор, архитект или машински инженер. Не сакам да го разочарувам дедо ми, не сум толку способна. Иако тој верува во мене. Тој силно верува во мене. Толку многу, што ме тера да поверувам во себе.
„А морам ли да одам на факултет?“, прашувам. „Мораш. За да не останеш амал како што беше дедо ти. Да си писмена, ценета“.
Да знаеше дедо ми, да видеше дека со неговата чесна амалска работа постигна толку многу повеќе, отколку јас со мојата факултетска диплома. Но, подобро што не виде.
Тој веруваше со некој друг свет, совршен, чесен, каде што сè се постигнува со работа и труд. Тој свет не е оној во којшто живеам денес. Ништо нема по заслуга.
Јас, 10-годишна. Трчам со свидетелството за завршено 4-то одделение. Дедо ми го погледнува, „леле, сите петки“. На лицето му се разлева радост, напросто се топи од гордост.
Што ме тера да се чувствувам особено важно, како да сум направила којзнае какво добро дело. „Умница на дедо, да се множат петки секогаш. Дедо ќе ти купи што сакаш за петките“.
Јас, 6-годишна. Ги вадиме помошните тркалца на велосипедот. „Можеш и без нив, сигурно“. Се качувам малку тромаво на мојот „бе-микс“, полека и несигурно.
„Јас сум зад тебе, те држам“. Почнувам да вртам полека, додека „шалтам“ лево-десно и мислам дека ќе треснам на асфалтот.
„Нема да паднеш, дедо те држи“. Тој трча додека го придржува задниот дел од велосипедот. Јас веќе посигурно ги вртам педалите.
Одеднаш чувствувам слобода, ветер низ косичката, летам. Се вртам и дедо ми е неколку чекори зад мене. Ми мавта со раката, бидејќи го отпуштил велосипедот. Возам без помошни тркалца.
Јас, 4-годишна. „И, што да купиме?“ Го лепам носот на стаклото од пекарницата и почнувам да набројувам: ѓеврече, бурекче, крофна со крем … а лижавче после може?
„Може“, потврдува дедо ми. „А сладолед?“ – Може и тоа. Ама не ѝ кажуваме на мајка ти, важи?
Јас – бебе. Немам сеќавања од овој миг. Ја имам само фотографијата на која дедо ми ме држи во рацете покрај елката. Тоа е сосема обична, „исчупана“, „старовремска“, а некои би рекле и „сиромашна“ елка според денешните стандарди за елка.
Нема многу подароци. Но, дедо ме држи мене во рацете. И јас сум најголемиот подарок.
*За сите добри дедовци кои нè израснаа, ни посветија грижа, љубов и внимание, кои кришум ни туткаа пари во рацете и ни велеа дека сè ќе биде добро.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не се ставови на целата редакција на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело